Првата пресметка помаѓу Милан и Барселона на „Сан Сиро" која „Росоњерите" ја добија со 2:0 покажа дека фантастичната форма и доминација на Меси и неговите соиграчи не може вечно да трае. Милан сега се наоѓа пред најтешката задача да го повтори изданието од пред две недели и да се обиде да ја сопре „тики така" играта на Барса која во последно време не функционира најдобро.
На италијанците во 2013 година се им оди како по буквар. Со седум победи и три нерешени средби, се без пораз во Серија А, но на „Камп Ноу“ ќе се сретнат со екипа која е непоразена во Лигата на шампионите на последните 19 меча или поточно од октомври 2009 година кога Рубин Казан направи сензација.
Предноста од 2:0 на составот на Алгри не смее никако да претставува опуштање во играта, затоа што во сезоната 2003/2004, Милан во четвртфиналната пресметка прокоцка предност од 4:1 против Депортиво Ла Коруња и на реваншот во Шпанија беше елиминиран со 4:0, што претставува рекордно враќање во ова натпреварување.
До сега во историјата на Лигата на шампионите ниту една екипа не успеала да се врати во нокаут фазата после резултат од 2:0. Опасноста за Милан секако се очекува најмногу да доаѓа од предводникот Лионел Меси, кој доколку постигне погодок ќе се израмни на второто место по постигнати погодоци во ЛШ заедно со Руд ван Нистелрој кој има постигнато 56 гола.
Огромна ќе биде неизвесноста и на стадионот во „Гелзенкирхен" каде Турците најавуваат спектакл со дури 30 000 навивачи. Германците со оглед на формата и реномето во Европа можеби се фаворити, а на последните 16 меча во европските натпреварувања на домашен терен имаат само два порази.
Шалке последен пат се пласираше во четврфиналето во 2010/2011 кога станаа и полуфиналисти, а претходно во 2007/2008. За Галатасарај сонот помеѓу најдобрите 8 екипи последен пат им се оствари во 2001 година.