Барал копачки на отпад во Нигерија, преживеал маларија, а сега потпишува со Наполи за 81 милион евра

Нов соиграч на нашиот Елиф Елмас би можел да стане еден млад Нигериец кој ги пореметува противничките голмани и кој има страшна животна приказна иако има само 21 година.

Наполи е надвор од топ четворката во Серија А, но претседателот Аурелио Де Лаурентис не се жали. „Знаеме какви ни се можностите, апсолутно сме мирни и го чекаме мечот од Лига на шампиони“, изјавил газдата на Наполи.

Клубот од „Сан Паоло“ го освои Купот на Италија - прв трофеј после цели 5 години што е сосема малку за една сезона да се смета за успешна. Де Лаурентис сега, за сезоната да ја прогласи за усешна сака Гатузо и момците да ја пројдат Барселона и Наполи да се пласира во 1/4 финале на ЛШ, што според моментната форма на екипите и не е така невозможна мисија.

За успех на сите фронтови Аурелио е спремен да потроши многу пари. Минатото лето Наполитанците го урнаа сопствениот трансфер рекорд откако го потпишаа Ирвинг Лозано за 50 милиони евра. Мексиканецот уште не ја оправда инвестицијата: има само 5 гола на 29 меча (14 пати беше стартер).

Но наскоро притисокот кој „Чаки“ Лозано го чувствува би можел да прејде на 21-годишниот напаѓач на француски Лил, Виктор Осимхен. Француските медиуми пишуваат дека трансферот ќе чини 81 милион евра, а италијанските го проценуваат на 60 милиони. Во секој случај ова ќе биде најскапа аквизиција во историјата на Наполи.

ВО ДЕТСТВО ТАРАЧКАЛ ПО ЃУБРЕ И ПРОДАВАЛ ВОДА

Секој ден на отпадот Олусосун во Лагос стигнувале од 3.000 до 10.000 тони ѓубре. Дваесетина години овој голем отпад бил вон градот, но со текот на времето населението во Лагос се зголемиле, границите се прошириле и отпадот се нашол близу центарот на градот.

Веднаш тука до отпадот имало живеалишта. Илјадници луѓе копале по отпадот по надеж дека ќе пронајдат нешто интересно.

„Ние со другарите баравме копачки. Лева ќе најдеш Nike, десна Adidas, понекогаш се случувало да се погоди пар. Живеев во многу сиромашен реон, а моето семејство беше меѓу најбедното во соседството“, вели Осимхен во интервју за The Independent.

Мајка му си заминала од домот кога тој имал 6 години. Татко му го отпуштиле од работа во полиција. Во тој период морале сите седум деца да работат, меѓу нив и Виктор, најмалиот од сите седум.

„Продавав вода на сред автопат, трчав по коли и собирав пари по улица. Или тргував со отпад. Браќата разнесуваа весници, сестрите менуваа портокали за храна. Сите знаеа дека сме многу сиромашни. Еднаш едно дете од друга екипа за време на еден меч ми рече дека дома сме сиромашни и дека татко ми проси храна од мајка му. Се расплакав. Често плачев. Се сеќавам како еден извршител дојде за пари кај татко ми, се разгневи а јас се пикнав во ќош и го молев Бога да ни помогне“, раскажал Осимхен во интервју за France Football.

Како што пишувала La Gazzetta dello Sport, во Неапол Осимхен ќе заработува 5 милиони евра годишно (повеќе ќе има само царот Кулибали - 6 милиони годишно).

Сосема доволно да се обезбедат браќата и сестрите. За него семејството е број еден. Татко му починал во мај 2020-та година.

„Моите најблиски сега се во ред. Тоа е најважно. Можат да си приуштат се што ќе посакаат. Им дадов живот каков што заслужуваат. Но јас за уште многу работи мечтаам“, вели напаѓачот на француски Лил.

КОГА ТЕРИ НЕ ДАЛ ГОЛ ВО ФИНАЛЕ НА ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ОСИМХЕН СЕ ИСЕКОЛ ПО ЛИЦЕ И ВЕТИЛ ДЕКА ЌЕ СТАНЕ ФУДБАЛЕР

Виктор Осимхен имал 9 ипол години кога Манчестер Јунајтед и Челси се сретнаа во финалето на Лига на шампиони во Москва.

„Не навивав за ниту една екипа, но толку се напнав кога Тери не го даде пеналот што истрчав од кафулето на улица ама во ист момент една жена влегуваше внатре и јас бум! Се треснав. Имаше многу крв, цел бев расечен. Ме сошија и помислив дека ако со таква страст за фудбалот не станам професионалец, нема да си простам“.

На улица каде што играл со другарите, бил најдобар од сите. Еднаш го приметиле скаути од академијата Ultimate Strikers, а европските клубови дознале за Виктор во есента 2015-та година за време на Светското првенство У-17 во Чиле.

Во група младите репрезентативци на Нигерија со 3-0 ги совладале САД (Кристијан Пулишиќ играл тогаш), во 1/4 финале го разбиле Бразил на Едер Милитао 3:0 а во финале за светската титула со 2:0 биле подобри од Мали.

Виктор Осимхен постигнал гол на сите седум меча на Мундијалот (на два натпревари по неколку гола).

Со 10 гола бил најдобар стрелец на Светското У-17, а неговиот соиграч Квелечи Нвакали бил прогласен за најдобар играч на Мундијалот. Нвакали сега седи на клупа за резерви во шпанскиот клуб Уеска.

ЗБОРЕЛ СО ВЕНГЕР И ЗА МАЛКУ НЕ ОТИШОЛ ВО АРСЕНАЛ, А ГО БАРАЛЕ И БАРСЕЛОНА, ИНТЕР И ЈУВЕНТУС

Нвакали Квелечи веднаш после Светското првенство потпишал со Арсенал но ниту еднаш не заиграл за „топџиите“. Осимхен исто имал варијанта со Арсенал. „Зборував со Арсен Венгер, ме викна во Арсенал. Тогаш имаше варијанти и со Барселона, Интер, Атлетико и Јувентус“, рекол Виктор за The Independent.

На крај решил дека премин во Арсенал нема да му ја подобри кариерата. „Сакав да играм редовно а не да седам на клупа. Ми требаше екипа каде ќе можам да играм стандардно. Волфсбург испадна таква варијанта“.

Но во германски Волфсбург, екстра-талентираниот Осимхен одиграл повеќе од 300 минути и не постигнал ниеден гол.

„Беше многу тешко. Татко ми и брат ми беа со мене неколку месеци па се вратија во Нигерија. Си доаѓав дома после тренинзи а дома никој. Потполно сам. Ненавикнат на храна на нов јазик, нов непривлечен живот“, се сеќава Виктор за почетоците во Германија.

Целата состојба му ја отежнала и повреда на коленото, но Осимхен во тоа време сакал да учи. „Многу научив од Марио Гомез и Дивок Ориги, иако многу ретко влегував на терен. Да се тренира со нив е голема школа“.

ВО 2018-ТА ЗАБОЛЕЛ ОД МАЛАРИЈА ПА ПОРАДИ ТОА ГО ОДБИЛЕ ДВА КЛУБА

Одморот после сезоната 2017/2018, Виктор Осимхен го поминал во Нигерија и таму се разболел од маларија.

„Во Германија кога дојдов ме пратија во двонеделен карантин а потоа ми ставија до знаење дека веќе не сум му потребен на Волфсбург. Барав да ме пратат на позајмица, дури во трета или четврта лига. Просто ми требаше да играм“.

После маларијата, Виктор толку многу ослабнал физички што не ги поминал дури ни медицинските прегледи во Клуб Бриж и Ѕулте Варегем. Во Шарлоа ризикувале а Осимхен им се оддолжил со 20 гола на 36 меча.

„Мојата кариера почна во Шарлоа. Мене ми беше многу важно одново да почнам да играм. Да докажам дека луѓето згрешија за мене. Беше многу непријатно да се чита што пишуваат за мене. Германските новинари се правеа дека не знаат за мојата болест. А јас едноставно му бев благодарен на Бога што останав жив“.

Француски Лил го купил минатото лето за 12 милиони евра. Интересно, Шарлоа го откупила неговиот договор од Волфсбург за 3,5 милиони евра со една цел - поскапо да го продаде.

Во летото 2019-та италијански медиуми пишуваа за интерес од Аталанта и Милан но Бергамашите се решија за Луис Муриел а „росонерите“ за Анте Ребиќ и Рафаел Леао. Продажбата на Леао му донела на Лил 20 милиони евра и дел од таа сума (12 милиони) вложиле за Виктор Осимхен.

Осимхен почнал со рекордни за Лил 6 погодоци на 7 меча. Давал голови против Челси и Валенсија во Лига на шампиони, а сезоната ја заврши како еден од најдобрите стрелци во француската Лига 1, го делеше 4-то место со Нејмар.

За 29 кола Нигериецот постигна 13 гола, повеќе од него имале само Муса Дембеле (16), Килиан Мбапе и Висам Бен Једер (по 18).

„Виктор е фантастичен. Тој може да игра во која било лига“, рекол тренерот на Лил Кристоф Галтје кога веќе станало јасно дека Осимхен нема да остане во екипата.

 „Кога имам слободно време, читам инспиративни објави на инстаграм. Ги сочувувам па после ги пречитувам пак. Тоа ми помага да станам уште појак. Голем дел од мојот живот помина во обиди да преживеам. Се беше така лошо што дури не ни верував во среќна иднина. Но сега мислам на тоа што добив во животот и што ме прави горд“, констатира Осимхен.