Бананата на Алвеш била испланирана кампања

Кога фудбалерот на Барселона, Дани Алвеш ја изеде бананата фрлена на теренот од страна на навивач на Виљареал, тој започна глобална анти-расистичка кампања која била претходно испланирана.

Јадењето на бананата од страна на Дани Алвеш што подоцна поттикна глобална „бананоманија" против расизмот не било дело кое туку-така му текна на Бразилецот, туку испланирана кампања. Оваа кампања дури не ни била планирана за Алвеш, туку за Нејмар.

Според шпанскиот весник AS, маркетинг компанија ја испланирала кампањата откако Нејмар бил навредуван на расна основа на градското дерби против Еспањол.

Тој потоа се договорил со соиграчот Алвеш ако се случи ваков инцидент, еден од нив да изеде банана пред камерите, а тим од професионалци во позадина биле подготвени за акција.

Само неколку минути по инцидентот, Нејмар кој во моментов закрепнува од повреда, на Инстаграм и Твитер објави фотографија од него со неговиот син со банани.

Потоа истото го сторија Агуеро, Давид Луиз, Хул, Балотели, Роберто Карлос... и илјадници други познати фудбалери, политичари, актери, пејачи и други јавни личности од целиот свет.

„Делата се посилни од зборови. За таков гест не е потребен превод и тоа стана вирална кампања низ целиот свет. Идејата беше Нејмар да изеде банана, но тоа го направи Алвеш и ги имаше истите посакувани резултати", изјави Гуга Кецер, партнер во маркетинг агенцијата која стои зад кампањата.

И хаштагот #weareallmonkeys бил претходно смислен, а дел од оваа кампања се и маичките и други разни производи кои веќе почнаа да се продаваат.

30 април 2014 - 10:36