Балкански менталитет со романски зачин

Припаѓа на генерација 1998, капитен е на Романија под 17 години, игра во Стеауа Букурешт, а од јуни ќе се пресели во Фиорентина. Го напаѓаат поради татко му Георге Хаџи, кој пратил отворено писмо до федерацијата за да го заштити вундеркиндот Јанис.

Во 2001 година кога Георге Хаџи беше селектор на романската репрезентација, син му Јанис за прв пат стапна на теренот на Стеауа Букурешт, најголемата љубов на семејството Хаџи. „Не знам дали ќе биде доктор или наставник. Не верувам дека ќе биде фудбалер“, изјави Хаџи пред 14 години. Оттогаш, Јанис порасна и почна да тренира фудбал.
 
Иако не е лесно да станеш фудбалер ако татко ти бил и уште е толку познат, Јанис живее само за фудбалот и веќе докажа дека е редок талент. Има само 16 години. Пред две години го прогласија за најдобар фудбалер во неговата категорија во Романија и многу поранешни фудбалери рекоа дека ќе го надмине татко му.

Јанис две години е капитен на репрезентацијата под 17 години, предводена од Флорин Радичоју, која се квалификуваше на ЕП У-17. За малиот Јанис се заинтересира Барселона, но побрзо реагираше Фиорентина така што 10-та на Стеауа Букурешт наскоро ќе заигра за „Виолетовите“.
 
Може да игра на секоја позиција во средниот ред, поседува фудбалска интелегенција и знае кога да асистира на време.
 
ПРВИТЕ ПРОБЛЕМИ

Во центарот на фудбалска Романија во моментов се води дебата околу отвореното писмо на Георге Хаџи до претседателот на фудбалскиот сојуз, Ангел Јорданеску. Причина за писмото е односот на координаторот на младинските репрезентации, Золтан Ковач со тројца фудбалери, меѓу кои и Јанис Хаџи.

За време на еден тренинг во Холандија, каде Романија се спремала за пријателска, координаторот Ковач им кажал на Флорин Коман, Карло Цасап и Јанис Хаџи дека се чиста нула и дека за ништо не ги бидува.
 „Драг Ангел Јорданеску, ти го пишувам писмово како поранешен фудбалер, капитен и селектор на репрезентацијата и не како последно, татко на играчот Јанис Хаџи. Сигурно си информиран за тоа што се случи во селекцијата до 17 години, во која тројца фудбалери биле навредувани и посрамени од Золтан Ковач, координаторот на сите младински селекции за време на тренингот во Холандија. Господинот Ковач им кажал дека тие се нула и за ништо не ги бива, иако играат во првите екипи. Како мислите дека децата се чувствувале пред колегите од репрезентацијата и останатите тренери? Како да играат фудбал ако некој им вика дека се нула?“, стои во отвореното писмо на Хаџи до Јорданеску.
На прозивките одговорил и самиот Золтан Ковач: „Почит кон господин Хаџи, но тој нема да одлучува што ќе правам јас. Не кажав никаква нула. Кога кажав ништо, мислев дека не играат ништо на теренот. Му кажав на Јанис дека неговото презиме мене ништо не ми значи“.
 
2 април 2015 - 11:02