Кога Борусија Дортмунд стана петтиот различен тим кој ја освои шампионската титула во Бундеслигата во 2011-та година, сите коментираа како германската лига е најизрамнета лига во Европа.
Три години подоцна, Германците проѕеваат на стадионите додека Баерн Минхен растура во Бундеслигата втора сезона по ред.
Минатата сезона баварците поставија рекорд освојувајќи ја титулата на шест кола до крајот, триумфираа и во Купот на Германија и во Лигата на шампиони.
Оваа сезона тие си го срушија рекордот со освојување на титулата уште во март. Имаат серија од 19 победи и срушија уште девет рекорди.
Но она што е загрижувачко за другите екипи од Германија, тие цело време стануваат сè посилни, а другите, вклучувајќи ги и нивните најголеми ривали Борусија Дортмунд, константно ослабуваат.
За помалку од една година, Баерн Минхен на Борусија Дортмунд им ги „украде" Марио Геце и Роберт Левандовски. Многу други клубови во Германија имаат добри младински школи и произведуваат таленти, но Баерн Минхен во секое време може да им земе кого сака.
И сето тоа тие успеваат да го направат без да избегнат даноци или некое од правилата на финансискиот фер-плеј на УЕФА, а немаат ниту некаква финансиска инјекција како што е примерот на ПСЖ, Монако, Манчестер Сити, Челси...
Во изминатите години Баерн Минхен е класичен пример за добро водење на клуб според правилата на финансискиот фер-плеј на УЕФА кој ги тера клубовите да трошат колку што им е долга чергата.
Баерн Минхен изгради тим кој гази цврсто и во Лигата на шампиони, но истовремено ја уништува Бундеслигата. Овој тим едноставно нема достоен ривал во домашното првенство и ако продолжи на овој начин во иднина ќе доминира како „во село без кучиња". Ова не само што не е добро за Бундеслигата, туку не е добро ниту за Баерн Минхен.