Рекордите на баварската машинерија

Минатата сезона на Баерн Минхен беше именувана како најдоминантна во историјата на Бундес лигата со еден куп срушени рекорди, но европскиот првак кој синоќа успеа најрано досега да стигне до титула во Бундес лигата повторно се надминува себеси.

Нови рекорди:

Најбрзо освоена титула
Минатата сезона Јуп Хајнкес ја освои титулата во 28 коло. Неговиот наследник Гвардиола го надмина тој рекорд и до 24 титула на Баерн стигна еден меч порано од својот повозрасен колега. Ова е прв пат во историјата на Бундес лигата некој клуб да стигне до титулата уште во март месец.

Најдолга серија без пораз
Фудбалерите на Баерн Минхен влегоа во серија од 52 меча без пораз во првенството со скор од 46 победи и 6 нерешени и со тоа го надминаа рекордот на Хамбург од 1982/1983 од 36 меча без пораз. Од најсилните пет европски лиги само Милан имал подобра серија од 58 натпревари направена во период од 1991 до 1993 година.

Најдолга победничка серија
Со синоќешниот триумф против Херта, Баварците стигнаа до 19 победа во низа. Последен пат не успеаа да триумфираат во октомври минатата година кога ремизираа против Баер Леверкузен. Претходната најдолга победничка серија ја имаа во 2005 година кога остварија 15 победи по ред.

Најмногу гостински победи по ред
Триумфот против Херта освен титула им донесе рекордна победничка серија на гости од 10 меча, еден повеќе од минатогодишниот рекорд.

Најдобар старт
По 27 поминати кола Баерн Минхен не загуби на ниту еден натпревар и има скор од 25 победи и две нерешени. Претходниот ваков рекорд го држеше Баер Леверкузен од 24 меча во сезоната 2009/2010.

Најдолга серија на голови
Германскиот првак успеал да постигне минимум по еден гол на последните 64 првенствени натпревари. Последен пат не успеале да ја затресат мрежата во април 2012 година против Мајнц кога натпреварот завршил 0:0. Претходниот рекорд од 36 меча по ред со постигнат гол е нивни и датира од 1973/1974. Од топ 5 национални првенства само Барселона може да се пофали со таква серија и тоа идентична како на Баварците од 64 меча со постигнал гол од минатата сезона.

Рекордна серија со два постигнати голови
Со најмалку два постигнати погодоци фудбалерите на Баерн Минхен успеале да остварат низа од 19 натпревари. Серијата им почна по ремито против Баер Леверкузен пред скоро шест месеци. Овој рекорд претходно го држеше Борусија Дортмунд во 1995 година од 14 меча.

Најмногу бодови
Со моментални 77 освоени бодови од можни 81 направени на 27 меча остварија нов рекорд во Бундес лигата. Со тоа практично го надминаа сопствениот рекорд од минатата сезона.

Најголема предност
Со 25 бодови повеќе од второпласираниот тоа е најголемата разлика направена во Бундес лигата по 27 кола. Претходниот рекорд се случи минатата сезона од 20 бодови разлика исто така од нивна страна.

Можни рекорди:

Сезона без пораз
Од формирањето на Бундес лигата ниту еден клуб не успеал да остане непоразен во текот на една сезона. Со само еден пораз Баварците ја завршија минатата сезона и онаа во 1986/1987.

Победи на сите мечеви на домашен терен
Овој повидок до сега не му успеало на никој. Три клубови го држат рекордот од 16 победи на 17 првенствени натпревари пред своја публика. Шалке 1971/1972, Баерн Минхен 1972/1973 и Волсбург 2008/2009.

Најмногу освоени бодови
Во минатата доминантна сезона Баварците остварија рекорд од 91 бод. Во моментов имаат 77 и можат да освојат уште 21.

Најмногу победи
Минатата сезона Хајнкес со Баерн направи рекорд од 29 победи. Гвардиола во моментов има 25 на седум кола до крајот.

Најголема бодовна разлика
Рекордот од 25 бодови зад второпласираниот тим Баварците од крајот на сезоната имаат шанси и да го зголемат.

Најмногу голови
Со триумфот против Херта од 3:1, Баерн стигна до бројка од вкупно 79 постигнати голови оваа сезона и со тоа го израмни рекордот од 1973/1974. Доколку до крајот постигне уште 22 или 3.1 во просек по натпревар ќе стигне до нов рекорд.

Најмногу мечеви без примен гол
Рекордот го оствари лани со 21 меч, а оваа сезона нема примено гол на 16 натпревари.

26 март 2014 - 13:54