И покрај големиот број шанси за повеќе погодоци, на „Education City“ стадионот во Ал Рајан (Катар), само еден гол ја направи разликата.
Баерн Минхен може да се пофали дека го повтори абнормалниот подвиг на Барселона од 2009-та година кога Каталонците освоија сè што може да се освои.
Баварците ја освоија Бундеслига во јуни, потоа во јули го кренаа и пехарот во германскиот Куп, во август буквално ја понижија Барса во Лига на шампиони и станаа европски прваци, во меѓувреме освои и Супер Куп на Германија и Европа, а Светското клупско првенство се одржа во февруари и Баерн таму ја заокружи колекцијата трофеи.
🏆🏆🏆🏆🏆🏆
— 🏆🏆🏆FC Bayern English🏆🏆🏆 (@FCBayernEN) February 11, 2021
Баварскиот титан вторпат во историјата (после сезоната 2012/2013) ги освои четирите најголеми трофеи во клупскиот фудбал (тогаш во финалето ја совладаа мароканската Раџа од Казабланка).
Германскиот шампион сега се израмни по број на освоени Светски клупски првенства со Коринтијанс (2). Пред нив се само Реал Мадрид со 4 и Барселона со 3.
Ханс-Дитер Флик, кој прво како в.д. тренер седна на клупата на Баерн кога Нико Ковач доби отказ, освои 4 трофеи за 15 месеци. Тој дојде во ноември 2019-та и е најзаслужен за оваа серија на трофеи.
World’s best Coach of the hearts: Hansi Flick has won more titles (6) than lost games (5) with @FCBayern
— Christian Falk (@cfbayern) February 11, 2021
Треба да се напомене и дека во средината на јануари Баерн испадна од овосезонскиот Куп на Германија од нисколигашот Холштејн Кил.
Интересно, со денешниот пехар се збогати и колекцијата на Кингсли Коман. Верувале или не трофејот во Светското клупско првенство стана 21 пехар за 24-годишниот Французин. На 13 јуни Коман ќе полни 25 години.
Пет фудбалери на Баерн вторпат во кариерата ги освоија 4-те најголеми трофеи во клупскиот фудбал: Мануел Ноер, Давид Алаба, Хави Мартинез, Џером Боатенг и Томас Милер. Овојпат Боатенг иако беше на списокот пријавени играчи, не прослави со своите другари (морал да се врати во Германија поради трагична вест), а Милер останал во карантин поради позитивен тест.
За две недели Баерн ќе почне одбрана на најголемиот трофеј освоен во 2020-та, оној во Лига на шампиони. Во 1/8 финале на ЛШ ќе играат на гости па дома против Лацио.