Австриските навивачи до сега само еднаш ја гледале својата земја како учесник на Европските првенства, а до пласман стигнаа автоматски како домаќини кога беа заедно со Швајцарија во 2008 година.
Тоа што го сторија сега, не е ниту случајно, ниту автоматски. Австрија во квалификациската група Г обезбеди директно учество на ЕП 2016, а тоа го стори убедливо на две кола до крајот како лидер на табелата со 22 бода.
Зад неа се Русија и Шведска која ќе се бори за баражот, а потоа се Црна Гора, Лихтенштајн и Молдавија. Австријците имаат 7 победи и едно реми, 16 дадени и само три примени голови. Од нив е поубедлива само Англија со 8 од 8.
Овој историски подвиг на Австрија кој го оствари со убедлив триумф од 4:1 на гости против Шведска е топ тема на сајтот на ФИФА.
„Франција тука сме, доаѓаме. Овој успех не му донесе радост само на мене, туку на цела земја. Да се работи со оваа екипа е вистинска забава. Играчите станаа другари и работеа напорно за да стигнат до ова ниво. Стилот на игра покажува дека сме примиле само три гола. Тоа е работа на цел тим кој знае како да се брани“, вели селекторот Марсел Колер.
Голем дел од репрезентативците играат во најсилните лиги во Европа. Дефанзивецот Александар Драговиќ е член на Динамо Киев, но за него се заинтересирани најсилните англиски екипи. Кевин Вимер игра за Тотенхем, капитенот Кристијан Фуч за Лестер, а Марко Арнаутовиќ за Стоук.
Колер на располагање има дури деветмина фудбалери кои настапуваат во Бундеслигата, а најпознат е Давид Алаба од Баерн Минхен. Роден во Виена со потекло од Филипини и Нигерија, победникот на ЛШ од 2013-та е клучен играч во средниот ред на Австрија.
Огромна заслуга за успехот на Австрија има и 31 годишниот голман Роберт Алмер кој стигна до личен рекорд од 603 минути без примен гол.
Овие злати квалификации на Австријците и ја донесоа 13-та позиција на ранг листата на ФИФА и тоа пред земји како Хрватска, Италија, Уругвај и Франција.
Австрија практично наредната година ќе направи кам бек во земјата каде последен пат беше дел на големите континентални натпреварувања, а тоа е СП Франција 1998. Клучот за нивниот историски успех го опиша Марко Арнаутовиќ:
„Можете да видите дека ние не сме само тим, туку и семејство, а семејствата се разбираат подобро од тимовите“.