Аталанта го купила Кулушевски 165 илјади а го продаде 35 милиони евра

Од големиот трансфер на Швеѓанецот со македонско потекло во Јувентус најмногу причини за задоволство има Аталанта, а задоволно се смешка и шведскиот клуб Бромапојкарна.

Џовани Сартори и Габриеле Ѕамања, водечките оперативци задолжени за спортски сектор во Аталанта се едни од најзаслужните што тимот од Бергамо живее најубав период во клупската историја (историско учество во Лига на шампиони и уште и надреален пласман во нокаут фаза по 3 воведни порази по ред).

Овие двајца во 2014-та година го купија анонимниот Франк Кеси од Стела Клуб, анонимен клуб од Брегот на Слонова Коска за 1,5 милиони евра, а после 3 години му го продадоа на Милан за 32 милиони евра.

Тие двајца се заслужни и што за анонимниот Брајан Кристанте, на големо изненадување на тифозите беа потрошени 5 милиони евра, а подоцна го продадоа за 30 милиони европски банкноти.

Притоа овие двајца многу вешто и стручно раководат со младите таленти. Не ги фрлаат веднаш „во оган“, туку постепено ги уходуваат во италијанскиот фудбал.

Така и Дејан Кулушевски беше пратен на позајмица во Парма каде одигра фантастична полусезона и за него многу европски спортски изданија пишуваа како најголем талент на континентот во моментов. Тоа го слушна и Јувентус кој за него одвои 35 милиони евра + бонуси. Ова е рекорден трансфер на Аталанта и тоа за 19-годишниот бисер кој во април ќе дува 20 свеќички. Јувентус во 5 рати ќе ги исплаќа милионите.

На позајмица претходно беа праќани и Гаљардини во Чезена, Специја и Виченца, како и Калдара во Трапани и Чезени. Сега ги берат плодовите од тоа сеење на позајмици.

*****

Дејан е роден во Валингби, големо предградие на Стокхолм. На 6 години почнува да тренира во познатиот прволигаш Бромапојкарна каде во следните години ги проаѓа сите јуниорски, кадетски и младински категории. Токму после еден турнир за младинците на шведскиот клуб бил забележен од ловците на таленти.

Аталанта го нашла Кулушевски во младинците на Бромапојкарна во 2016-та година и го победила Арсенал во трката за Дејан.

„Нашите луѓе посетуваат повеќе од 200 меча годишно. Многу ни помага и WhyScout, благодарение на чии програми гледаме кого да скаутираме. Но во случајот со Кулушевски некако беше интуиција во прашање“, вели Давиде Канџини, шеф на скаут службата на Аталанта.

Во првата сезона Кулушевски играл за Аталанта У-17 и постигнал 17 гола и 15 асистенции. Потоа за младинците 11 гола и 14 аситенции и бил главен играч во историското скудето за младинците на Аталанта. Ја добил и наградата Пјермарио Морозини за најдобар играч во плејофот на младинската Серија А.

„Физички и технички како да за една глава беше над своите врсници“, се сеќава тренерот на младинците на Аталанта Масимо Брамбила.

Во професионален сениорски фудбал дебитираше во јануари минатата година кога од клупата за резерви влезе на терен на мечот Аталанта - Фрозиноне.

Џан-Пјеро Гасперини, тренерот на Аталанта уште во ноември 2018-та година во интервју за Газета дело Спорт го најавил влегувањето на Кулушевски во прв тим.

После дебито, Гасперини рекол: „Импресиониран сум. Класа е, физички цврст, стабилен. Но на неговата позиција игра Папу Гомез и ќе треба да почекаме. Иако сум уверен дека скоро Дејан ќе игра многу“.

До крајот на сезоната влезе во игра само уште 2 пати и собра севкупно 103 минути.

Минатото лето во 2019, Кулушевски самиот побарал да замине, зошто сфатил дека во Аталанта нема да добие големо играчко време. Претенденти за неговиот потпис биле Каљари и Парма со тоа што островјаните сакале да го откупат договорот, а „млекарите“ понудиле позајмица.

„Во Парма Кулушевски пронајде идеална средина за да созрее. Го пуштивме на позајмица зошто во составот ги имаме Гомез и Иличиќ, а летово дојде и Малиновски. А на Дејан му требаше да игра“, рекол тренерот Гасперини.

На 30 септември Кулушевски после 79 секунди игра даде гол за Парма против Торино и тоа стана најбрзиот гол сезонава во италијанската лига и дебитантски за Дејан во Серија А.

Во тој момент веќе имаше три асистенции и со 19 години и 5 месеци стана најмладиот во Топ5 европските првенства кој учествувал во 4 гола (1+3). На почетокот на декември веќе имаше 4 гола и 7 асистенции.

Во декември 2019 стана херој на мечот со Наполи, им даде гол во 4’ минута, а во 90+2’ му асистираше на Жервињо во контра и Парма направи големо изненадување со 2:1. Дејан беше прогласен за играч на месецот во Серија А во декември.

„Сум тренирал многу класни играчи, но на оваа возраст Дејан е најдобар“, вели тренерот на Парма Роберто Д’Аверса.

Пред да дојде во Парма, Кулушевски никогаш не бил крило, туку играл во среден ред, но Д’Аверса му нашол идеална позиција:

„Неверојатен е меѓу линиите. Игра на крило, но многу е опасен кога ќе тргне кон средианта. Во иднина може да стане и везен играч, но за тоа ќе му треба уште снага и издржливост, особено без топка“.

За ова зборувал и тренерот на Кулушевски во Бромапојкарна, Андреас Енгелмарк:

„Дејан обожаваше да оди во дриблинг, да игра во напад, но практично не помагаше во одбрана. Постојано му викав дека мора да научи и да брани. Тој ме сфати но многу не научи да игра одбрана. Но многу работи, вреден е и ќе стекне и тоа. Кога се работи за напд, од почеток беше феномен“.

Самиот Кулушевски во интервју за сајтот на шведскиот канал SVT Sport дал интервју и рекол:

„Многу често ми викаа дека нема да станам професионалец“.

До 13 години сомневал во себе. Бромапојкарна еднаш учествувал ана турнир со топ екипи од Европа. Пред еден меч Дејан многу го болело коленото и едвај одел. Но влегол на терен, дал два гола и имал асистенција.

„Почнав во одбрана, потоа играв се повисоко, како треквартиста. Играв на многу позиции. Бев крилен напаѓач, па класично крило. Се адаптирав на барањата од тренерот, но се чувствувам како полушпиц“.

Скаутот на Парма Винченцо Маркета го споредува со Кевин де Брујне.

„Дејан е свеж пример за современ плејмејкер кој може да игра на секоја позиција во нападот. Во репрезентацијата на Шведска играл дури и како шпиц и дал минатата есен два гола против Исланд“.

Поранешниот тренер на Каљари и Болоња, Пјерпаоло Бизоли го споредува со Салах: „На првите десет метри ги уништува сите како Салах. Кулушевски со топка е многу сигурен во себе, постојано тргнува да го помине противникот, а денес малку кој го прави тоа“.

Го споредуваат и со Еден Азар и тоа неслучајно.

„За мене Азар е појак од Меси и Роналдо. Ја гледам неговата игра, учам финти од него, пробувам да го имитирам. Меѓу младите играчи најдобар е Мбапе. Физички е ѕвер. Најјак играч во Серија А? Папу Гомез“, рекол еднаш Дејан.

Самиот Кулушевски вели дека нема идоли. Сестра му, која е 4 години постара, во собата имала постери од Роналдињо. Дејан само го гледал бразилсиот ас.

На 13 години со татко му го гледал мечот на кој Аднан Јанузај дебитирал за Манчестер Јунајтед:

„Играше така како 10 години да е во екипата. Си ветив дека ќе играм со неговиот број“.

Најскапи зимски трансфери на Јувентус во историјата биле Алесандро Матри за кого во 2011 година Јуве дал 20,5 милиони евра и Миралем Пјаниќ кој го чинел шампионот 38 милиони евра. За Кулушевски Аталанта добива 35 милиони евра и плус евентуални 9 од бонуси.

Меѓу играчите родени во 2000 или подоцна, Кулушевски е вториот најскап фудбалер на светот. Поскап е само Винисиус за кого Реал плати 45 милиони евра.

„Често го играм на Sony Playstation“, вели Дејан и се жали дека откако дошол во Парма цели три месеци не можел да се приклучи на Wi-Fi и да игра FIFA. Почнал да гледа филмови (омилен филм му е The Blind Side со Сандра Булок).

Омилени книги му се спортските биографии - например оние за Коби и Леброн. Тој обожава и кошарка па околу домот во Охрид каде доаѓал во посета имал кош за да игра.

Во Охрид семејството на Дејан доаѓа на лето. Тие живеат во Стокхолм. Татко му е Швеѓанец, па и покрај убедувањата од Горан Пандев (дури му подарил и дрес од Македонија), Дејан решил да заигра за земјата во која е роден.

Важи за универзално крило кое може да се уфрла и зад напаѓачите. Таков тип на играчи се и Николо Ѕаниоло и Адама Траоре (скоро пишувавме за неговата снага и брзина). Ваквите универзални играчи се се повеќе барани во фудбалот затоа што противникот тешко може „да ги провали“ тактички како стојат на теренот.

Кулушевски во Парма дошол наместо извесен Кристијан Галано. Трпеливо работел, тренирал и секој викенд одигра маестрално. Цената му достигна неверојатни 35 милиони.

Инаку фудбалерот чии родители водат потекло од Охрид, пред неколку сезони имал понуда и од Арсенал, но ја одбил затоа што бил свесен дека програмата на Маурицио Костанци во Аталанта е отскочна даска за првиот тим.

Во месец ноември 2019 дебитираше за репрезентацијата на Шведска во квалификациите за Евро 2020, против Фарски Острови. Селекторот на „викинзите“ го планира Кулушевски за Европското следната година каде Дејан би требало во целост да го покаже својот талент пред да почне да ги радува тифозите на Јуве.

И да, уште ова во меѓувреме.