Луда реми завршница со снајперски гол на Кузмановски со звукот на сирената

Нов настап на нашите ракометари, нов мега драматичен натпревар со пеколно неизвесна завршница. Македонија - Австрија 29:29. Битка на нерви.

Македонската ракометна репрезентација не и дозволи на Австрија да слави на првиот дуел од втората групна фаза и покрај тоа што ја фаворизираа кладилниците.

Тоа го стори на спектакуларен начин, со бомба на Филип Кузмановски од 10 метри, и тоа со звукот на сирената.

Австријците во последната минута се чинеше дека го имаат последниот напад на мечот, но откако реализираа, Кире Лазаров веднаш свика тајм аут, иако останаа само 4 секунди до крај.

Акцијата беше скроена за последниот удар да го има нашиот најдобар поединец Филип Кузмановски и воедно прв стрелец на овој Мундијал, кој дрско од далечина го торпедира противникот за конечни 29:29.

Инаку натпреварот беше екстра квалитетен со многу трчање и неизвесност од почеток до крај. Резултатски ролеркостер кој најмногу одеше во прилог и на двете селекции од максимална предност од +3.

Најголемиот проблем за нашите ракометарите беше играта на Австрија во напад 7 на 6, за која немаа одговор.

Марко Митев беше најефикасен кај Македонија со 6 голови, Пешевски постигна 5, Кузмановски 4. Кај Австријците најпрецизен беше Лукаш Хутечек со 6 погодоци.

Следниот предизвик за избраниците на Лазаров е Катар, в четврток со почеток од 15:30 часот.