Арсенал во петок ќе почне да се загрева за новата сезона во Премиер лигата против францускиот второлигаш Ленс, а тоа во старт носи проблеми за Арсен Венгер бидејќи ќе биде без голем број на клучни играчи кои летово беа зафатени на меѓународна сцена.
По успехот на Мундијалот во 2014-та, германското трио Месут Озил, Пер Мертесакер и Лукас Подолски беа отсутни на првиот меч на Арсенал на отворањето на сезоната, а слична ќе биде и ситуацијата по ЕП 2016 и Копа Америка.
„Треба да се разгледа времето за одмор, бидејќи Франција имаше долг пат и мислам дека им треба одмор од четири недели, затоа што треба да закрепнат. Им требаат две или три недели за да се регенерираат, целосно да се опорават и потоа да се вратат со глад. Разочарувачки е да се загуби финале и потребно е да се опорани човек и од тоа“, изјави Арсен Венгер кој изгледа дека ниту за еден месец ќе нема некои играчи на располагање.
Состојбата околу повредените или отсутните играчи на Арсенал од други причини кој во прво коло на 14 август игра против Ливерпул е следна:
Оливер Жиру
Венгер потврди дека Жиру нема да се врати во тимот за пред сезонските подготовки се до една недела пред стартот на сезоната. Францускиот репрезентативец кој играше на финалето на Европското пред девет дена доби одмор од четири недели.
Дани Велбек е повреден и опциите за напад се помали. Арсенал е во потрага по нов напаѓач, но откако не направија ништо со Варди, опција останува 20 годишниот Чуба Акпом или Тео Волкот ако треба да пополни понапред.
Лорен Кошенли
Од истите причини како Жиру, отсутен е и Кошенли еден од клучните играчи во одбрана на Франција, како и во Арсенал. Тешко кој може да го пополни неговото место, но дефанзивецот доби одмор и во последната линија во подготовките ќе ја сочинуваат Мертезакер, Габриел и Калум Чемберс. Ова трио ништо чудно да настапи и против Ливерпул.
Алексис Санчез
Премотајте 12 месеци и ќе видите дека учеството на Санчез на првиот меч на Арсенал против Вест Хем беше под знак прашалник, а на тоа му претходеше неговото учество на Копа Америка 2015 која ја освои со Чиле.
Санчез тогаш беше на клупа и влезе во последните 23 минути. Тимот на Славен Билиќ славеше 2:0. Чиле го подигна пехарот и ова лето, а Санчез кој ланска сезона постигна 13 голови во Премиер лигата, ќе го нема бидејќи му треба одмор. Неговото отсуство ќе биде голем удар за Топџиите.
Месут Озил
Озил со Германија стигна до полуфинале на Европското првенство и се знае дека и тој ќе доцни. Германскиот репрезентативец го пропушти првиот натпревар на Арсенал во сезоната 2014/2015 по освојувањето на титулата Светски шампион. Озил лани направи 19 асистенции за Арсенал.
Арон Ремзи
Беше еден од клучните играчи на Велс кој стигна до историско полуфинале на ЕП 2016. Ремзи постигна еден гол, оствари четири асистенции и влезе во тимот кој беше избран за најдобар во Франција.
„Имам неколку недели одмор, па се враќам на 1 август. Знам дека Арсенал им дава подолг одмор на играчите, а така беше и пред две години кога германските репрезентативци дојдоа само неколку дена пред првиот натпревар од сезоната“.
Други отсутни
Европското првенство и Копа Америка не се единствените настани кои му ги реметат плановите на Венгер. Тука се и Летни Олимписки игри каде ќе учествуваат тројца Топџии.
Новото засилување Такума Асано ќе учествува за Јапонија, Серж Габри е повикан за Германија, а Алекс Ивоби за Нигерија. Овие тројца играчи нема да стигнат за првото коло од новата сезона во Премиер лигата. Ако Германија, Јапонија или Нигерија стигнат до финале во Рио, ќе ги нема до третиот меч на Арсенал.
Се враќаат
Џек Вилшер кој беше дел од срамното учество на Англија на ЕП, е веќе дел од тренинзите на Арсенал, исто како и Џоел Кембел кој со селекцијата на Коста Рика испадна уште во групната фаза на Копа Америка.
Петр Чех и Хектор Белерин со Шпанија и Чешка стигнаа до осминафиналето и брзо ќе се вратат на Емирати. Новиот член Гранит Џака исто така стигна до првиот нокаут меч на Венгер ќе му треба што побрзо во тим за да го спреми за мечот против Ливерпул.
Давид Оспина и помогна на Колумбија да стигне до полуфиналето на Копа Америка и се очекува да му се приклучи на Арсенал пред стартот на сезоната.