Цели 22 месеци му беа потребни на шеикот Абдула Бин Насар Ал Тани да го искачи својот клуб до место зад Реал Мадрид и Барселона. Но за разлика од арапите во Манчестер Сити и ПСЖ, тој не вложи огромни суми и не побара резултати веднаш, туку стрпливо работеше на градење на тимот.
Членот на катарската кралска фамилија, шеикот Ал Тани го купи клубот во јуни 2010-та година за 36 милиони евра. По серија лоши резултати тој го отпушти тренерот Хесуалдо Фереира и од тој моменет започна ерата на Мануел Пелегрини.
Чилеанецот кој во минатото го предводеше и Реал Мадрид, отпушти 11 фудбалери и доведе неколку искусни фудбалери како Енцо Мареска, Мартин Демикелис и Жулио Баптиста и го спаси клубот од испаѓање.
Од доаѓањето на шеикот Ал Тани во клубот, тој на нови засилувања потроши околу 90 милиони евра, а го сруши и клупскиот трансфер рекорд со доведувањето на Санти Казорла од Виљареал за 22 милиони евра. Помеѓу другите, доведени беа и Џереми Тулалан, Руд ван Нистелрој и Јорис Матијсен.
Вложените милиони вродија плод. Со синоќешната победа над Сантандер со головите на Иско, Казорла и Ван Нистелрој, Малага се искачи на третата позиција во шпанската Примера, позиција која гарантира пласман во Лигата на шампиони.
Доколку ја задржат оваа позиција, планот на шеикот Ал Тани за оваа сезона ќе биде исполнет, а за следната сезона се планира доближување до Реал Мадрид и Барселона, а можеби и прекинување на нивната монотона доминација во шпанскиот фудбал.