Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Гери Невил кој работи како стручен аналитичар во Скај Спорт разви теза според која одржувањето на Мундијалот во Катар во ноември и декември може да биде најдобро нешто што и се случило на Англиската фудбалска репрезентација.
Тоа го тврди со фактот според кој англиските фудбалери би биле многу посвежи за игра, отколку во јуни и јули кога стандардно се играат Светските првенства.
„Секогаш на Мундијалите одиме исцрпени, по долга 9 месечна сезона со згусна распоред на натпревари, изјави Невил.
Теоријата на поранешниот англиски репрезентативец не е само мислење, туку се базира и на еден неверојатен податок. Историјата покажува дека првиот меѓународен натпревар Англија го одиграла на 30 ноември пред 142 години против Шкотска кој завршил 0:0, но никогаш не загубиле меч во месец декември.
Има и еден важен факт, а тоа е дека Англичаните ретко имаат репрезентативни натпревари во декември и во тој месец не играле околу 20 години, но како и да е традицијата е целосно на нивна страна. Во последниот месец од годината одиграле 19 меча на кои имаа 15 победи, 4 нерешени и ниту еден пораз со гол разлика 68-20.
И покрај тоа што најголемата победа во декември од 9:0 ја остварија против аутсајдерот Луксембург во 1982 година, останатите победи им се против силни репрезентации како Франција, Германија, Чехословачка, Унгарија и Шпанија. Пример за тоа е триумфот од 3:1 против Западна Германија на 1 декември 1954 година, селекција која 5 месеци претходно стана Светски шампион.
Во месец јуни Англија има одиграно 157 средби во својата историја, а скорот им е 71 победа, 45 нерешени и 38 порази. Последната и единствена титула на Гордиот Албион датира од 1966 година, но доколку ФИФА следниот месец го изгласа последниот предлог за зимски Мундијал во Катар, тогаш Англија треба да биде и натаму неприкосновена во декември за одново да стане Светски првак.