
Веќе со месеци траат притисоците од некои европски страни АФКОН (Африканскиот куп на нации, пандан на Европско првенство и Копа Америка) да биде одложен, што поради наводно ширење на новиот сој на вирус, што поради безбедносни причини.
Притисоците најчесто стигнуваат од англо-американските медиуми, пред сè оние од Островот кои неуморно пишуваат како Купот на Африка кој требаше да се игра уште лани ама поради КОВИД беше одложен за 2022 (од 9 јануари до 6 февруари) треба да биде пак одложен.
Сега организациите за заштита на човековите права (Human Rights) дополнително ги разгореа дебатите дали Купот на Африка чиј домаќин е Камерун треба да се одложи.
Дејли Мејл пишува дека овие организации предупредуваат дека играчите во Камерун би можеле да бидат мета на напади од разни сепаратисти кои веќе четири години водат тивка војна во оваа земја.
Наводно еден од стадионите на кои треба да се игра Купот на Африка бил во средиште на конфлиткна зона. Владата која е во франкофонско говорно подрачје и сепаратисти во Камерун се бореле за превласт на западот од земјата каде се зборува меѓу другото и на англиски јазик.
Регуларната војска на Камерун, додава Дејли Мејл има потешкотии во напорите да ги задржи сепаратистите кои ги предупредиле африканските ѕвезди кои играат во странство да не доаѓаат во земјата од Централна Африка или ризикуваат да бидат киднапирани или повредени.
Купот на Африка треба да има 24 репрезентации од целиот континент и треба да почне на 9. јануари но сè поголеми сe притисоците тој да биде одложен.
Од англиската Премиер лига во Камерун на КАФ треба да отпатуваат околу 40 играчи меѓу кои и ѕвездите: Мохамед Салах, Садио Мане и Наби Кеита од Ливерпул, Томас Парти, Никола Пепе и Мохамед Елнени од Арсенал, Трезеге од Астон Вила, Ријад Марез од Манчестер Сити, Вилфред Заха од Кристал Палас, голманот на Челси Едуар Менди и многу други.
Претседателот на Африканската фудбалска конфедерација (CAF) Патрис Мотсепе се сретнал со претседателот на Камерун Пол Бија. Мотсепе во претходните недели неколку пати го менуваше својот став па иако прво се залагаше за одложување на Купот, сега е меѓу оние кои се за играње на најголемиот турнир.
„Ќе дојдам со семејството, со жена ми и со децата на мечот на отворањето меѓу Камерун и Буркина Фасо и ќе дојдам за церемонијата на доделување пехар“, изјавил Мотсепе по средбата со претседателот на Камерун.
Прв човек на фудбалската федерација на Камерун е Самуел Ето кој инсистира првенството да се одигра.
Некои организации за заштита на човековите права тврдат и дека маскотата на турнирот, лавот Мола на себе носи панцир за заштита од евентуален вооружен напад во западните региони на Камерун.
Воениот конфликт од почетокот на годинава однел многу жртви, биле детонирани преку 80 бомби во регионот.
„Има еден куп повици да го одложат АФКОН додека завоените страни не повикаат за прекин на огнот и да влезат во мировни преговори“, вели Ребека Тинсли, вработена во организацијата Global Campaign for Peace and Justice во Камерун.
Купот на Африка треба да се игра на шест стадиони од кои еден, оној во Лимбе се наоѓа во наводно ризична зона на западот од Камерун.
„Има реална опасност од напади на сите стадиони за време на Купот на Африка, посебно во Лимбе“, вели Тинсли.
Во Лимбе треба да се одиграат два натпревари меѓу четири репрезентации.
„Англиските клубови треба да бидат многу претпазливи пред да ги пратат нивните играчи во многу нестабилна ситуација. Има реални опасности“, предупредува Тинсли.
станува нејасно зошто овие организации за заштита на човекови права не предложиле промена на домаќинството на Камерун, Купот на Африкански нации да се игра макар во друга земја од континентот каде е побезбедно и помирно. Последниот КАФ се одигра во 2019 и го освои Алжир кој во големото финале го совлада Сенегал со 1:0.