Андер Ерера од Манчестер Јунајтед местел натпревари

Селекторот на Јапонија Хавиер Агире, играчот за врска на Јунајтед Андер Ерера, капитенот на Атлетико Мадрид Габи и уште 38 лица се обвинети дека наместиле натпревар од Ла Лига во сезоната 2010/2011.

Шпанската анти-корупциска комисија денес достави до судот во Валенсија документација со докази за наместениот натпревар Реал Сарагоса - Леванте 2:1, после кој Сарагоса опстана во шпанската прва лига.

Во тоа време Мексиканецот Хавиер Агире беше тренер на Сарагоса, а Шпанците Андер Ерера и Габи играа за клубот. Поранешниот претседател на Сарагоса, Агапито Иглесиас е прво обвинет во случајот, во кој се вмешани и други фудбалери.

Во соопштението на шпанската анти-корупциска комисија стои дека Сарагоса им исплатила вкупно 965.000 евра на играчите на Леванте за да им ја пуштат победата и три бода кои ќе ги спасат од испаѓање во Сегунда. Сарагоса најпрвин ги префрлила парите на своите играчи, тренери и членови на стручниот штаб, меѓу кои Агире, Ерера и Габи. Токму тројката ги подигнала парите од банка и во кеш ги поделила на фудбалерите на Леванте. Натпреварот заврши 2:1 и Сарагоса избегна испаѓање од лигата пред 5 години.

Целиот процес започна во 2011-та година, кога поранешниот претседател на Депортиво Ла Коруња, Августо Цезар Лендоиро отворено зборуваше за местенките во шпанскиот фудбал. Цезар беше директно инволвиран, затоа што неговиот Депортиво испадна од лигата поради наместениот дуел Сарагоса - Леванте.

Сомнителниот натпревар се одигра во сезоната 2010/2011

Фамата настана во февруари минатата година, кога истрагата доведе до стотици наместени натпревари, како на клупско, така и на репрезентативно ниво. Многу од натпреварите се играле на високи суми во обложувалници во Сингапур, затоа што таму нема ограничување на уплатата.

Андер Ерера досега играше за репрезентациите на Шпанија до 20, 21 и 23 години. Во 2011. година, Ерера го даде голот кој ѝ донесе на Шпанија У-21 европска титула. Истата година од Сарагоса се врати во родниот град и заигра за Атлетик Билбао. Во Манчестер Јунајтед дојде летово за 29 милиони фунти и на 9 настапи досега постигна 2 гола.