Го сакаше Берлускони, го сакаше Галијани, а го бараа и навивачите. Сепак, Карло Анчелоти летово нема да се врати на Сан Сиро и да се обиде да му помогне на Милан кој ја одигра најлошата сезона во клупската историја.
Иако со Реал Мадрид имаше половично успешна сезона, управата на Милан беше цврсто уверена дека неговиот авторитет ќе биде доволен екипата да се разбуди. Анчелоти одлучи да направи пауза во кариерата, затоа што има проблеми со грбот кој треба да го оперира, а притоа не знае колку време ќе му треба за опоравување.
55-годишниот Италијанец, роден во Реџоло на Твитер напиша:
„Му благодарам на Милан за поддршката и интересот. Тешко е да се каже не на саканиот клуб, но навистина ми е потребен одмор. Им посакувам сè најдобро“, им порача Анчелоти на Росонерите.
Веднаш по таквиот развој на настаните, со соопштение излезе и Милан на својата интернет страна.
„Карло Анчелоти нè информираше дека не е во можност следната сезона да го превземе првиот тим“, стои во соопштението.
Анчелоти го водеше Милан од 2001. до 2009. година и за осум години на Сан Сиро донесе неколку трофеи, од кои најзначајни се Серија А во 2004-та, два пехари во Лигата на шампионите (2003-та и 2007-ма) како и Светското клупско првенство во 2007-ма.
Како што пренесува Газета дело спорт, прва желба на Берлускони сега е Роберто Донадони, поранешниот селектор на Италија и досегашен тренер на Парма, која испадна од Серија А.