Статистиката на Алексис Санчез во Манчестер Јунајтед во моментов е 10 меча, 1 гол. Единствениот погодок Чилеанецот го даде против Хадерсфилд и тоа од одбиена топка после промашен пенал. Во претходните две сезони за Арсенал постигна 47 гола!
На 10 натпревари сезонава топката ја изгубил дури 247 пати и тоа е најлошиот статистички показател во Манчестер Јунајтед. Останатите играчи ја губеле топката околу 100 пати.
Алексис Санчез е најскапо платениот фудбалер во Премиер лигата. Според Daily Mail поранешниот фудбалер на Удинезе, Барселона и Арсенал, денес на „Олд Трафорд“ заработува 600.000 фунти неделно!
За време на паузата за репрезентативен фудбал Санчез побарал од селекторот на Чиле да остане во Манчестер и да реши некои важни работи. Но потоа се предомислил и отпатувал за Стокхолм каде Чиле ќе игра пријателска против Шведска.
„Со оглед на тоа што сум многу самокритичен, очекував од мене многу повеќе. По преминот во Манчестер Јунајтед некако сè се смени. Дури и помислив дали вреди да одам со репрезентацијата. Сè беше некако тешко - првпат сменив клуб во месец јануари. Но во животот нема се едноставно. Побарав од селекторот даостанам во Англија, а потоа помислив дека работите нема да се сменат на добро овде ако останам“, им рекол Санчез на чилеанските новинари.
Санчез често појадувал сам во базата на Јунајтед во Карингтон. Тоа е показател дека има проблеми со адаптација во екипата. Во Манчестер се плашат дека трансферот на Алексис ќе стане дебакл како во случајот со Ди Марија.
Жозе Мурињо предупредил дека до следната сезона можно е сите да заборават на Санчез како топ-фудбалер.
„Алексис дојде кај нас во најлош можен момент - во јануарскиот преоден рок. Ете зошто јас не ги сакам зимските преодни рокови. Но се укажа шанса која не сакавме да ја пропуштиме и го направивме трансферот. До следната сезона тој ќе научи да игра со нас а ние ќе научиме как ода извлечеме максимум од него. Сега тој не избегнува одговорност. И кога греши се враќа назад да ја исправи грешката“, заклучува Мурињо.