Може ли да се надева Барселона на најпосакуваното сценарио, а тоа победа над Еибар, пораз на Реал Мадрид од Малага и прославување на шампионската титула? НЕ, бидејќи такво нешто нема шанси да се случи во недела.
Има повеќе причини, а првата е што во касата на Малага ќе легнат 1 милион во евра, во случај Реал Мадрид да се радува на титулата. Е како тоа? Е така.
Кога Иско во 2013-та направи трансфер од Малага во Реал Мадрид вреден 27 милиони евра имаше и една клаузула во договорот која го обврзува Кралскиот клуб да и плаќа на Малага по милион евра за секоја освоена титула во домашното првенство во следните 5 години.
Кралевите по тој трансфер два пати го кренаа пехарот во Лига на шампиони, но во Шпанија немаат титула од 2012-та, затоа Малага уште не видела ниту евро од тие договорени пари.
Сега тимот на Зинедин Зидан е многу блиску до тој трофеј бидејќи со синоќешната победа на гостувањето против Селта ѝ избега на Барселона 3 бода.
Малага нема никакви мотиви да брка победа против Реал Мадрид бидејќи секако ќе завршат меѓу 11-то и 13-то место кое не води никаде, ем со пораз ќе заработат милион евра и ем за тренер го имаат Мишел кој го носеше дресот на Реал од 1982-ра до 1996-та.
„Реал Мадрид ќе биде шампион“, изјави стратегот на Малага по триумфот на неговиот тим над Барселона од 2:0 остварен на почетокот на Април.
Според пропозициите на Ла Лига секој клуб кој ќе заврши на првите 10 места на табелата добива по 600.000 евра. Малага заостанува 7 бода зад 10-то место, така што останува да одат на милионче, освен ако Барса не им понуди два или повеќе за победа.