По крајот на мечот од полуфиналето на Мундијалот 1982. 3:2 против Бразил (со Сократ и Фалкао), Чезаре Малдини во одело прв трча на теренот да прослави со играчите. Го гушна Ширеа, потоа и сите останати. Во тој момент го гушна целиот свет.
Во летото 1986-та година, Чезаре Малдини станува селектор на Италија У-21 и со Аѕурините три пати по ред го освојува Европското првенство, учинок кој никогаш и никому не му тргнал од рака.
Во таа генерација играше златниот фонд на калчото од '90-те години: Франческо Толдо, Фабио Канаваро, Кристијан Панучи, Роберто Муци, Филипо Инзаги, Франческо Тоти, Алесандро Неста, Бенито Карбоне, Доменико Морфео, Кристијан Виери, Алесандро Дел Пјеро, Марко Делвекио, Џанлуиџи Буфон итн. Сите деца на Чезаре Малдини.
Со младата репрезентација, Малдини станал мајстор на замените. Тој како никој друг интуитивно чувствувал кога треба да направи корекција во играта. Интуицијата никогаш не го излажала.
На пример, на неколку минути до крајот на основното време во финалето на младинското ЕП 94-та го става Пјерлуиџи Орландини на место расниот стрелец Пипо Инзаги. Полушпиц наместо шпиц. Орландини му враќа со неверојатен гол со лева во продолженијата и Италија е европски шампион до 21 година. Луис Фиго на колена и во солзи со Португалија.
Две години подоцна Чезаре ги води Аѕурините на ЕП У21 во Барселона (Европското за играчи до 21 година се игра на секои две години). Во Шпанија, Италијанците ќе го одиграат едниот од најголемите мечеви во историјата на репрезентацијата, идентичен на полуфиналето на ЕП 2000-та во Холандија за сениори.
Сценариото од Estadi Olimpic Lluis било исто со она на Амстердам Арена четири години подоцна.
Во 35-та минута од финалето против Шпанија У21, Никола Аморузо добива црвен картон, а во судиското продолжение исклучен е и Рафа Аметрано по што Италија останува со 9 играчи. Неста и Канаваро без проблем го носат мечот до пенал серијата, каде царувал Анџело Пагото кој ги брани ударите на Де Ла Пења и Раул. Решавачкиот гол во пенал рулетот го дава Доменико Морфео, играч кој влегува пред крајот на интуиција на селекторот Малдини.
По отказот на Ариго Саки, сојузот го назначува Чезаре Малдини за селектор на сениорите. Уште тогаш се забележувала разликата во манири меѓу овие двајца. Едниот гласен и вулгарен, другиот мирен и господски тивок.
Јавноста во Италија била уверена дека Чезаре ќе се потпре на старите искусни играчи, а се памети и репликата на Џанлука Виали: „Сега сигурно се враќам во репрезентацијата".
Мистер Чезаре ја водеше Италија на СП '98, син му Паоло беше капитен на селекцијата во која беа уште Дел Пјеро, Баџо, Мориеро, Енрико Кијеза... Селекторот Малдини во вториот дел од четвртфиналето на Мундијалот против Франција го стави Роберто Баџо наместо Дел Пјеро, а малиот Буда ја имаше шансата на мечот, но не го повтори она што го направи Доменико Морфео за младинската селекција на 21. мај 1996. година во продолженијата.
Десет години подоцна, Италија стана светски шампион во Германија 2006-та.
Чезаре Малдини има три машки и три женски деца, од кои најпознат е син му Паоло кои долги години беше капитен на Милан и Италија. Внуците на Чезаре, двата сина на Паоло, Даниел и Кристијан играат во младинските категории на Милан, но дедо им никогаш не им го наметнувал товарот дека мора да успеат во фудбалот.