Ако има некој фудбалер на Елче што посебно ќе се чувствува кога ќе истрча на „Сантијаго Бернабеу“, тоа е Адриан Гонзалес, синот на легендарниот Мичел, актуелниот тренер на Олимпијакос.
Aдриан е роден на 25. мај 1988-та во Мадрид, а првите фудбалски чекори ги направил токму во дресот на Реал Мадрид Кастиља, вториот клуб на Реал Мадрид каде тренер му бил татко му. По позајмиците во Селта Виго и Химнастик, Адријан потпиша за Гетафе каде играше две години. Следеа авантурите во Расинг Сантандер и Рајо Ваљекано, за да на крајот играчот од средниот ред се скраси во Елче.
„Како секој играч, така и јас сонувам да истрчам на овој стадион. Дополнителен мотив ми е тоа што две години не сум играл овде, а последниот пат во дресот на Рајо против Реал во Мадрид одиграв само 42' минути“, вели Адриан, кој го носи бројот 8 во чест на татко му.
Во првите 4. кола од Ла Лига, новиот прволигаш Елче забележа една победа, една нерешена средба и два порази, со гол разлика 4:8. На последните три натпревари, во стартниот состав се појави и Адриан, фудбалерот кој често е во сенка на неговиот татко кој за Реал Мадрид играл од 1982-та до 1996-та година и на 404 средби постигнал 97 голови.
„Порано ми сметаа споредбите со татко ми, но сега веќе немам проблем со тоа. Напротив, мило ми е што сум имал од кого да научам“, констатира Адриан Гонзалес, кој вечерва ќе има прилика да го покаже својот талент против Реал Мадрид.
Од друга страна, актуелниот шампион на Европа беше немилосрден на последните два меча во првенството и Лигата на шампионите.