Ливерпул при Клоп за 4 години има 3 европски финалиња. Во 2016-та, првата година од работата на Јирген на „Енфилд“, тимот влезе во финалето на Лига Европа но загуби од Севиља.
Потоа минатата сезона стигнаа до финале во Лига на шампиони каде изгубија од Реал, а синоќа обезбедија ново, трето европско финале.
За Ливерпул ова е 9-то финале во ЛШ (со се оние од Купот на европски шампиони). Само три екипи имаат повеќе финалиња: Реал 16, Милан 11 и Баерн 10.
Ливерпул стана и првиот англиски клуб после цели 10 години кој 2 пати по ред влегол во финале на еврокуп. Последен пат тоа беше Манчестер Јунајтед на Сер Алекс Фергусон во сезоната 2007/2008 и 2008/2009. Шпанска екипа во финале нема да има првпат после 2013-та година.
Барселона втора сезона по ред испаѓа од Лига на шампиони после победа во првиот меч со разлика од 3 гола. Минатата сезона ја совладаа Рома со 4:1 но изгубија во Рим 3:0. Сега 4:0 од Ливерпул. Интересно и на двата меча против Барса бранеше Алисон и со Рома и на Енфилд.
Подвигот на Ливерпул е уште поголем ако се знае дека поради повреди не им играа тројца стандардни првотимци: Фирмино се повреди уште пред првиот меч од полуфиналето на ЛШ, Кеита заработи повреда на „Камп Ноу“ а Салах потрес на мозок со Њукасл и мораше да мирува.
Во првиот дел почна да криви Хендерсон но продолжи да игра, а Енди Робертсон мораше да излезе поради повреда. На негово место влезе Џорџињо Вајналдум кој стана првиот фудбалер кој влегол од клупата и дал два гола во полуфинале на ЛШ.
Холанѓанецот постигна голови во 54’ и 56’ минута како Џерард и Шмицер во Истанбул.
„Бев многу лут што Клоп ме остави на клупа. Ми кажа дека можам да станам негово тајно оружје. Се потрудив да и помогнам на екипата, среќен сум што дадов два гола.
- Интересно 2 од 6-те гола сезонава Дивок Ориги ги постигна против Барселона. Белгиецов сезонава не игра така често, но Ливерпул сега претендира на два трофеи благодарение на неговите голови. Тој даде гол во 90-та минута против Евертон, а пред неколку дена го реши и тешкото гостување кај Њукасл во длабоко судиско продолжение. Синоќа ја збриша и Барса.
Трент Александар Арнолд игра неверојатна сезона. Веќе има 11 асистенции во Премиер лига и 3 во ЛШ (тоа би бил рекорд во англиската лига сезонава ако не беше неговиот колега од другата страна Енди Робертсон).