30 години од најпознатиот пенал во историјата

На денешен ден 17 јули 2024 се навршуваат точно полни три децении од најфамозниот пенал на сите времиња во фудбалот.

Со познатата Joga Bonito (Жога бонито), светски препознатливиот бразилски фудбал, Бразилците дојдоа до големото финале на Мундијалот 1994 во САД.

Со изреката: „Вие давајте колку можете а ние колку сакаме“, кариоките дојдоа на мегдан со силната Италија.

Италијанците последен пат претходно беа светски шампиони во 1982-ра а во 1990 ја освоија бронзата како трети на Светското во нивната земја. Во САД Бразилците дојдоа со страшен тим: во групна фаза ги раскантаа Русија и Камерун а одиграа нерешено со Шведска во последното неважно коло.

Во 1/8 финале Бразилците извојуваа тешка победа 1:0 против жилавиот домаќин САД, но уште потешко им падна црвениот картон на Леонардо. Во четвртфинале се судрија со Холандија со младата ѕвезда Дик Адвокат и на крај кариоките победија 3:2 во најлудиот меч до тогаш на турнирот.

Полуфиналето со Шведска исто му припадна на силниот Бразил кој после цели 24 години влезе во големо финале на Светско првенство.

Аѕурите од друга страна во согласност со својата традиција, со пораз го започнаа Светското. И тоа пораз од Република Ирска. После едвај ја совладаа Норвешка 1-0 со гол на Дино Баџо а во послендото коло одиграа 1-1 со Мексико и некако „се мушнаа“ низ иглени уши во осминафиналето.

А таму тргна стандардната италијанска магија во нокаут фаза. Ја совладаа Нигерија после продолженија 1:2. Со ист резултат ја победија и ривалска Шпанија 2:1, а во полуфиналето едвај куртулија од неверојатните Бугари со Христо Стоичков, Јордан Лечков, Љубо Пенев, Красимир Балаков и другите.

ГОЛЕМО ФИНАЛЕ, МЕГДАН СО БРАЗИЛ

Светскиот фудбалски класик Италија - Бразил беше одигран на 17-ти јули 1994-та во Пасадена. Време на стартот на мечот беше 19 часот по Средноевропско време или 12:30 по тамошна Пацифичка временска зона. Огромна горештина и влажност на воздухот. Жарот достигнувал до 40 степени Целзиусови.

Меѓу полуфиналето и финалето имало помалку од четири дена а Италијанците летале од Источниот на Западниот брег со шест-часовен авионски лет.

Пеколните горештини не им дозволиле на двете крајно талентирани селекции да го покажат својот квалитет па во Пасадена финалето на Светско заврши без голови 0:0.

Се решаваше во пенал серијата. Четири години претходно во 1990-та Италија веќе шутираше пенали во полуфинале но неуспешно и испадна. Тогаш промашија Донадони и Серена.

Има легенда дека после таа серија, бројот 17 на Донадони бил сметан за „малерозен“ и фудбалерите кои се суеверни не сакале да го носат.

До почеток на Светското во САД, во репрезентацијата на Италија имало жрепка кој број кој играч да го носи. После првата жрепка бројот 17 му паднал на Роберто Баџо. Селекторот Ариго Саки помалку во шега рекол дека не му се допаѓа таа жрепка и направиле втора од која биле изземени Баџо, капитенот Франко Барези и првиот голман Паљука.

Бројот 17 му паднал на Албериго Евани.

ПЕНАЛ РУЛЕТОТ И ДРАМАТА

Кога тргна пенал рулетот, прв кон белата точка отиде Франко Барези, легендарниот капитен на Милан и најдобар играч на репрезентацијата на Италија на тоа Светско и токму во тоа финале каде 120 минути беше непремостив ѕид за бразилските мајстори.

„Некој требаше да шутира прв, па затоа јас одлучно отидов кон белата точка. И во последен момент се предомислив да шутирам лево, голот ми стана некако претесен, а голманот Тафарел огромен и шутот не успеа“, рекол Барези кој ја прати топката далеку преку голот.

Следен шутираше Марсио Сантос кој после Светското првенство потпиша со италијанска Фиорентина. Сантос распали силно во левиот агол но Паљука мајсторски му одбрани и ја сочува серијата на 0-0.

Албертини - гол. Ромарио - гол. 1:1.

Евани кој го доби дресот 17 рутински го совлада Тафарел и ја фрли во вода малерозната приказна за суеверниот број. После култниот Бранко израмни на 2-2.

Кон топката појде Масаро, еден од најискусните во тој момент на теренот, шампион на се и сешто. Но Тафарел лесно му го „испарадира“ шутот и му го одбрани пеналот. После Дунга го доведе Бразил во водство 3:2.

На двете селекции им остана уште по еден пенал. Според списокот тоа беа Баџо и Бебето. Кон „кречот“ тргна Роберто, 10-та на Италија и најсакан фудбалер во тој момент во Европа.

„Кога одев кон точката на 11 метри, бев спокоен колку што е воопшто можно да бидеш спокоен во такви моменти. Запамтив дека Тафарел секогаш се фрла во страна, добро го знаев него па затоа решив да пробам по средина во центар од голот и малку повисоко за да Тафарел не може да ја одбрани со нозе. Тоа беше добар избор, тој се фрли во негова лева страна и таму каде што намерував да ја шутнам топката никогаш немаше да ја фати. Но за жал не знам како топката отиде високо над пречка“, раскажал Баџо во својата автобиографија „Una porta nel cielo“ („Гол на небото“)

Не се знае дали насловот сугерира тажна самоиронија или имплицира нешто сосема друго, но сосема е сигурно дека проклетството од Пасадена остави длабока трага во животот на Роберто Баџо.

„Толку време помина, а уште не престанав да размислувам за таа минута. Годините после Пасадена ми беа најлоши во животот. Не бев јас тој тој, таа болка ме спречуваше да дриблам како во младоста. Никогаш во целост не го преболив тој момент“, вели Роберто Баџо.

На официјални натпревари во богатата кариера „малиот Буда“ како што го викаа генијалниот фудбалер роден во Виченца, извел 122 пенали а погодил 108 од нив. Тоа е 89% што е сосема добра реализација. Особено е фасцинантна затоа што тогаш голманите не ги ограничуваа како сега со разни правила зад линијата.

Во дресот на Италија Баџо имал 7 од 7 пенали од кои дури 3 во пенал серија после продолженијата: Во 1990-та во полуфинале со Аргентина на Светско (постигна гол, изгубија), во 1994-та во финалето со Бразил (не постигна гол, изгубија) и во 1998-ма во 1/4 финале против Франција на пенали (постигна гол, изгубија).

Во секој случај Роби Баџо остана култна легенда за сите љубители на носталгичните ’90-ти и почеток на ’2000-ти години.

17 јули 2024 - 13:33