27 летови, 24 мечеви на Џани: Колку првиот човек на ФИФА го загадува воздухот?

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, присуствуваше на 24 натпревари на ова Светско за нешто повеќе од две недели низ цела Америка. Поминал досега 50.122 км. Проценките се дека ова ќе биде најзагадувачкиот Мундијал, а ФИФА имаше сосема поинакви еколошки ветувања.

Во стратегијата на ФИФА за одржливост и човекови права на Светското првенство во 2026 година, претседателот рече: 

„Без разлика дали зборуваме за клима, човекови права, болести или попреченост, ние сме посветени да ја одиграме нашата улога“.

Инфантино до 27 јуни има 27 летови. Неколку пати присуствувал на два натпревари дневно за време на групната фаза, честопати во градови оддалечени стотици километри. Понекогаш имал и три летови на ден.

Фотографиран е како пред Светското користи авион на Qatar Airways Executivе, а објавено е дека лета на овој Мундијал со Gulfstream G650ER.

Најдолгиот лет што го направил во првите две недели е од Ванкувер до Мајами, долг 4.507 км откако на 13 јуни го гледал натпреварот меѓу Австралија и Турција.

Тој направил и неколку пократки патувања, како на пример на 22 јуни кога прелетал 148 км од Филаделфија до аеродромот Тетерборо во Њу Џерси. Тоа е помалку од Скопје - Охрид.

Анализата на БиБиСи покажува дека вкупно, неговиот приватниот авион до 27 јуни поминал 50.122 км или 66 часа во небо.

Колку е тоа во емисии?

Галфстрим Г650ЕР има просечна стапка на согорување на гориво од приближно 1.817 литри на час, што значи дека патувањето на првиот човек на ФИФА за време на групната фаза има произведено околу 516 тони јаглерод диоксид (CO2e).

Според податоците на ЕУ, просечните глобални годишни емисии на гасови за една личност се 6,5 тони CO2e.

Проценетото влијание врз климата од авионот на Инфантино во текот на две недели е приближно исто на влијанието од 78 луѓе во просек во текот на цела година.

Кои беа еколошките ветувања на ФИФА пред ова Светско првенство?

ФИФА се обврза да ги намали емисиите за 50% до 2030 година и да ги доведе до нула до 2040 година.

За овој Мундијал ги имаа следниве ветувања:

- Домаќинство на тимови на регионално ниво, што ја намалува зависноста од патување на долги релации за значителен дел од посетителите.

- Напори за зголемување на енергетската ефикасност преку промовирање на употребата на електрични автомобили, јавен превоз и заштеда на вода.

- Користење на постојните стадиони.

Сепак, дури и пред да се шутне првата топка на 11 јуни, имаше скептицизам од некои климатски научници со оглед на обемот на турнирот.

Извештајот од 2025 година од „Научниците за глобална одговорност“ (SGR) процени дека вкупниот јаглероден отпечаток на ова Светско првенство би можел да достигне девет милиони тони CO2e.

Тоа е речиси двојно поголем просек од последните четири Светски првенства, што го прави овој Мундијал најзагадувачки досега.

На Светското во Катар, Џани Инфантино присуствуваше на сите 64 натпревари на осумте стадиони што се користеа. Но, тие беа одвоени најмногу до околу еден час возење. Во САД е сосема поинаку.

1 јули 2026 - 14:16