180 милиони за 14 играчи кои дадоа 5 гола и еден автогол

Диего Коста и Алексис Санчез се најсветлата точка од трансферите во Премиер лигата изминатово лето. Двајцата заедно одиграа 19 меча и постигнаа 18 голови, а следниве 14 засилувања стартуваа 36 пати во прв тим, но далеку се од насловните страници.

Марио Балотели направи кам бек во Премиер лигата за 16 милиони фунти за да го замени Суарез, но како што се ближи јануари, се поизвесно е дека ќе треба да бара нов клуб. Брендон Роџерс му даде осум шанси во првиот состав, но се уште е на салдото од нула голови. Навивачите го тролаат за секое промашување.

Вест Бромвич Албион го купи Идеие Браун за 9 милиони фунти. Нигерискиот напаѓач за Динамо Киев постигна 33 голови, но за сега во ВБА доби само две шанси во прв тим и не беше повикан овој викенд на мечот против Лестер.

Сием Де Јонг дојде како голема надеж во Њукасл откако во јули месец го напушти Ајакс. Одигра само 99 минути во првенството, не постигна гол и се повреди. Проблем со повреди има и Фалкао кој малерите го затераа неколку месеци пред Светското. Манчестер Јунајтед на Монако му плати 24 милиони фунти за позајмицата, но за сега има скромни 3 настапи и еден гол.

Тотенхем за резервен лев бек потроши 10 милиони фунти. Тоа е 21 годишниот Бен Дејвис кој нема влезено ниту еднаш на позицијата која е пополнета со Дени Роуз. Млад и перспективен играч за исти пари купи и Ливерпул, а тоа е Емре Кан за кој некои веруваат дека ќе го замени Џерард. За тоа ќе треба многу да работи, а за сега има 3 настапи како стартер и гол против Челси овој викенд.

Мрежата во новиот дрес викендов ја начна и Шеин Лонг. За него Роналд Куман вели дека им ја олеснува работата на Пеле и Тадиќ, но најскапото засилување ова лето во Саутемптон е само на двата гола кои ги постигна против Лестер, а Пеле има шест.

Од тој што потекнува од младинската академија на Барселона секогаш се очекува многу. Но Бојан Кркиќ не се снајде во Серија А, а за сега во Премиер лигата има само еден гол за Стоук. Најголем несреќник на листава е новиот играч на Хул, Роберт Снодграс кој на првиот настап го скрши коленото и најверојатно нема да игра цела сезона.

Ланскиот финалист во Лигата на шампионите и освојувач на шпанското првенство кој премина од Атлетико во Челси за 16 милиони фунти се очекуваше да биде прв избор на Мурињо. Но Филипе Луис доби само две шанси во прв тим, а едната беше кога Аспликуета не смееше да игра поради црвен картон.

Викендов Манчестер Сити ремизираше со КПР, а најголемите критики се упатени кој Елаквим Мангала кој во комбинација со Димикелис одиграле лошо во одбрана. Најскапиот дефанзивец во Премиер лигата, за кој Граѓаните му платија на Порто 32 милиони фунти направи пенал и постигна автогол против Хул и од тогаш добива помалку шанси.

Кристал Палас го купи Зеки Фрајерс од Тотенхем за 5 милиони фунти, но за сега беше само 3 минути на терен. Рики Ламберт кој за 5 сезони постигна 106 голови за Саутемптон, кога го гледа Балотели сигурно се прашува што треба да направи за да добие шанса. За сега само еднаш беше во прв тим.

Лоик Реми направи трансфер од КПР во Челси за 8,5 милиони фунти. Важи за голем талент, но во моментов е отсутен поради повреда на колото. За сега има еден настап како стартер и еден гол.

10 ноември 2014 - 13:15