16 години од страшниот волеј на Зидан против Леверкузен

На денешен ден во 2002 година Зинедин Зидан му ја донесе на Реал Мадрид деветтата титула во Лигата на шампионите со еден од најубавите голови во историјата на овој турнир.

Точно пред 16 години Французинот кој денес од клупата го води „кралскиот клуб“ му ја донесе novena (деветтата) на Реал кој потоа мораше да чека дури до 2014-та за да ја освои јубилејната десетта круна во Лига на шампиони.

Потоа следуваа undécima, duodécima а против Ливерпул на 26. мај ќе играат за неверојатна tercera.

Кога Кристијано Роналдо го постигна страшниот погодок со ножички против Јувентус во Торино, прв кој во чудење ги стави рацете на глава беше неговиот тренер, Зинедин Зидан. Но истиот Зизу на прес-конференцијата после мечот изјави: „Голот на Кристијано е историски, но мојот беше поубав. Малку сум љубоморен“.

Лесно беше да се предвиди на кој гол мислеше Зидан. На оној од 15. мај 2002 година на „Хемпден Парк“ во Глазгов каде се играше финалето на ЛШ меѓу Реал и Баер Леверкузен. Преубав, историски и решавачки гол: страшен волеј со лева за 2-1 во финалето.

Интересно, Зидан таа вечер ја однесе дома медалата од својата прва Лига на шампиони, деветта за Реал. Но последните четири (или пет) пехари во ЛШ на Реал го носат потписот на Зизу како помошник или главен тренер.

„Кога ја шутнав знаев дека влегува“

„Роберто Карлос центрираше од лево, не мислев ништо во тој момент, само инстиктивно реагирав, но кога ја зафатив топката веќе знаев дека ќе биде гол. Беше прав golazo“, изјави Зидан после тој натпревар во еден од ретките коментари за неговите голови.

Финалето во Глазгов започна со водство на Реал преку Раул, но Бразилецот Лусио одговори со глава за 1-1. Во 45’ минута од првото полувреме се случи чудесниот гол: Сантијаго Солари го проигра Карлос во фор, овој само ја врати на 16 метри од голот на Ханс-Јорг Бут а таму Зидан распали како од топ.

Освоениот пехар остана единствен во Лига на шампиони во играчката кариера на Зизу.