1.449-те дена на Џузепе Роси

Поминаа скоро 4 години, 4 проклети години на кои чекаше да постигне гол во Серија А. Тоа може да му се случи само на најмалерозниот фудбалер кој за пет и пол години имаше пет тешки повреди на двете колена.

Од што повеќе го немаше отколку што го имаше на терен, кога ќе се споменеше презимето Роси, веќе човек почна да се прашува, чекај кој Роси? Даниеле Де Роси? Делио Роси? Не, Џузепе Роси, соиграчот на Пандев кој во неделата постигна гол во Серија А по пауза од точно 1.449 дена.
 
Последниот му беше од пенал против Торино на 16 мај 2014-та во дрес на Фиорентина, а овој пат и даде гол токму на Фиорентина, клубот каде мина пет сезони и одигра малку. Само 42 настапи.
Му го посвети на Сер Алек Фергусон кој го донесе од младинската школа на Парма во 2004-та година.
„Овој гол му го посветувам на Фергусон. Кога прочитав што му се случило, многу ми падна жал. Имам микс на измешани емоции. Ова ми е прв гол по долго време. Играв 60-65 минути што не ми се случило одамна, плус му дадов гол на мојот поранешен клуб. Имам многу респект за Фиорентина. Се чувствувам добро, но уморен сум. Голот ми донесе силна возбуда“, изјави Роси.
 
 
Дебитираше во Премиер лига на 18 години против Сандерленд откако влезе во 79-ма минути место Нистелрој и по 9 минути даде гол. Иако не играше во финалето на Лига Купот против Виган, Видиќ кој одигра само 7 минути на крајот му го даде медалот на Роси во знак на благодарност за учеството на претходните средби.
 
Брзиот италијански напаѓач во периодот од октомври 2011-та до април 2017-та дури 5 пати се соочуваше со најтешката повреда во фудбалот, а тоа се лигаментите на колото. Тие му одземаа 1.041 ден од кариерата. Два пати како играч на Виљареал, два пати во Фиорентина и лани во Селта.
 
Џузепе Роси ги мина сите младински селекции на Италија и има 30 настапи и 7 гола за сениорската, но немаше среќа да заигра на ниту едно големо натпреварување и покрај тоа што беше на поширокиот список за СП 2010 и 2014 и ЕП 2016. По стилот на игра го споредуваа со две легенди, Алекс Дел Пјеро и Паоло Роси.
 
 
Кога лани во април ја посети операционата сала по петти пат, беше без клуб бидејќи договорот со Селта му заврши. Потоа замина таму каде што е роден, во Њу Џерси, но следуваше телефонски повик од Италија.
 
Му се јави Давиде Балардини кој не го заборавил од времето во Парма кога го тренираше во младинскиот сектор. Во декември месец дојде како слободен агент и затоа со Пандев се двајцата најискусни напаѓачи во тимот.
 
Има 31 година, што значи дека ако го послужи здравјето може уште неколку години да му служи на фудбалот. 128 гола за 14 години кариера е малку за напаѓач од ваков калибар. Роси може уште.
10 мај 2018 - 16:23