Off Topic

БЈР Матрикс

Брус Ли не тепаше, Брус Ли страдаше. А страдаше затоа што беше принуден да ги тепа овие неразбраните! Како што може да ви каже секој локален „почитувач на делото на Ингмар Бергман”, токму тоа на Бруса најтешко му паѓаше. Пошто беше јак ко вол ама благороден ко шарпланинец.

Илон Маск: На факултет не ве учат туку ве примитомуваат

Откако речиси секоја лекција, предавање и учебник може да се најде бесплатно бидејќи осум милијарди носат библиотека во својот паметен уред, монополот на знаењето се урна за само една деценија. Но, звучните имиња на високообразовните институции не ја ажурираа цената. За таа цена младите луѓе биваат тестирани дали можат да бидат послушни и да извршуваат домашни задачи без да прашаат зошто. На системот му треба да бидете примитомени. 

Одбери ја својата криза на средни години

Не е лесно да си икс или миленијалец во „најубавите години.“ Премлади за умирање, престари за рокенрол, луѓето во тие години често знаат да поблесават во непознат правец, честопати во неколку контрадикторни правци. Ќе ги познаеш по тоа што почнале нешто скроз ново благодарејќи на животната мудрост, што ги откриле вистинските приоритети во животот и најмногу по тоа што се уби боже досадни кога ти зборуваат за тоа.  

Македонска компанија може да го рециклира Светско

По промената на спонзорствата или договорите за опрема, огромни неискористени залихи спортска опрема често завршуваат за уништување. Ројтерс направил фин прилог за македонска компанија која во сорабoтка со својот холандски партнер им дава втор живот на фрлените фудбалски дресови, торби, капи....

Вимблдонска утопија

За Макфакс Новак Ѓоковиќ изјави: „Имам голема желба да ја посетам Македонија, а, можеби, и нешто би организирале со Лина Ѓорческа и со Калин Ивановски“. Останатите портали во Македонија, за да избегнат да пренесат од конкурентски портал, но, веројатно, и поради кликбеит интерес, изјавата на Ѓоковиќ ја „пуштиле“ низ ВИ моделите па секој портал објави своја верзија на зборовите на Ѓоковиќ. Еден од нив беше: „Ѓоковиќ најави спектакуларен тениски меч во Скопје со Лина и Калин“.

Како рокенролот остана инфантилен

Погледнете ги Гиле и Аница Добра и ќе сфатите за што зборува Урош Ѓуриќ. За разлика од некои светски ветерани на рокенролот (Иги Поп, Дилан, Спрингстин...), добар дел од долговечните рокери од овие простори тематски не созреаја со своите години туку продолжија да рециклираат мотиви од својата младост, што знае да звучи и да изгледа баш гротескно. За разлика од една богиња Шемса, на пример.  

Сè што мразите за рекламите во едно видео

Приказна за девојките од магичната земја Еппдонија. Земја во која сите јадат јогурти, играат, имаат бели заби, блескаво светли домови и во која сите успеваат да ослабат.

ZZ Top - I Gotsta Get Paid

* Пуштајте најгласно, како што се пушташе во ЗиЗи.

Цела да е, секој да ја знае

И самиот автор на текстот во Јутарњи лист за Скопје 2014 ни признава дека досега не доживеал такви реакции за свој текст. А текстот му пројде прилично шизофрено, каков што е и односот на јавноста кон самата тема за која зборува Јурица Павичиќ. Некои медиуми до таа мерка ги засакаа тезите што мртви ладни му одземаа и - уште потстрашно - му подметнуваа зборови на авторот (види тука), а некои медиуми објавија прилично ниски контри во кој се омаловажува Павичиќ (некојси Хрват... небаре авторот на реакцијата е планетарно познат) а критиката се толкува како оркестриран удар врз Владата (види тука). Бидејќи на целокупната домашна јавност досега и беше познат само дел од текстот (објавен во електронското издание), мислиме дека е фино да имате увид во целиот текст, плус изненаденоста на авторот.

Непроменливите

Некои актери доаѓаат до одредена точка на стареење, по која не можат да остарат ниту ден. И малку е веројатно дека овие користеле какви било пластики или хирургија, туку времето само престанало да ги троши.

Хакирање кујна

Некои финти за во кујна кои нема да ви го променат животот, ама за тоа ќе изгледате како да знаете доволно работи за да не заглавите на перење садови.

Усаин Болт објаснува како трча

И покрај неговите најдобри намери (веројатно не е дека му се руга на секој можен човек на планетава), ова е едно видео кое никако нема да ви помогне да го постигнете она што тој го прави.

Сте виделе што е ЗЕН?

Каква сакате приказна измислете си како се дошло до вака идеална состојба на умот, кога некој се чувствува ослободен од сите овоземни и ововодни стеги. Или пак, само гледајте го овој шаман над шаманите, приказната не е важна.

Зошто децата го мразат училиштето?

На 17 години, Никил Гојал станува автор на книгата "Не е една мерка за сите: ученичка проценка на школите." Оттогаш станува ТЕД предавач, од Катар до Шпанија. Старо парче кое вреди да се слушне.

Џон Бонам, на само

Пред две години читателите на Ролинг Стоун го прогласија Џон Бонам за најдобар тапанар на сите времиња. Ритам ѕверот на Лед Цепелин беше брз како молња и гласен како гром. Имаме еден соло канал со него.

Многу информативно видео

Документарните програми (кои немаат врска со она што денес се пушта на Дискавери или Нат. Гео.) секогаш биле клучен фактор во образованието на младите генерации. Тие што на времето го гледале Опстанок, или што ја изгледале Planet Earth, ја знаат моќта на овие програми посебно за приближување и откривање на светот на животните. Следното видео ќе се потруди да ви објасни како се хранат животните.

20-ти vs. 30-ти

Како изгледа животот кога си на почеток на 20-ти и на почеток на 30-ти години.

Ништо на БМВ не е случајно

На сите луѓе што работат на БМВ, на крај доаѓаат и една група на луѓе (вкупно 14) чија единствена работа е - како звучи автомобилот. Ова опфаќа - каков е звукот на затворање врата, ставање каиш, затворање и отворање прозорци или багажник, звукот на жмигавец или копче на шалт табла.

Џокер публика

Иако на прва изгледа како да е уште една тв мајсторија на Џони Карсон, сепак добар дел од деталите покажуваат дека ова може стварно да е коинциденција. Приказната е следна: пред почетокот на емисија на Карсон му откажува пијанистот кој требало вечерта да настапи, па ја прашува публиката дали има некој што знае да свири пијано. Рака крева извесен Дејвид Толеј.

Тродимензионална магија

Зотроп е уред (цилиндар со дупчиња, налик на машинче за сушење салата), кој во ротација помага статичните слики да се претворат во анимирани. Махерите од Пиксар го направиле тродимензионален. Убавини.

Ако планирате да купите телевизор, гледајте го ова

3-минутно упатство за тоа која е разликата LCD, LED, Plasma и OLED телевизор. Веројатно делот околу Full HD и HD ready веќе го имате сфатено.

Фала Обединети

Вака - така, навршија 20 години од нашиот прием во Обединетите Нации. По повод упорноста на нашата желба да го издржиме привремениот статус кој требаше да трае два месеца и да се најдеме таму под нашето вистинско, имаме плакат од еден наш познат соработник.

Кад порастем бичу Ахил

Невидено тролање на античките маки на Ахил пред портите на Троја.

Луи Ц.К.

"Не мора да значи дека се согласувам со вас, ама сериозно го почитувам," одговори Луи Ц.К. на аплаудирањето на публиката на почетокот на неговиот нов стенд-ап "Oh My God." Ова е типично негово однесување за понижување на самиот себе - одбивање да верува дека ја заслужува благодарноста на стотиците фанови кои го опкружуваат во театарот Селебрити во Феникс и илјадниците кои следната сабота ќе ја гледаат премиерата на неговиот стенд-ап на ХБО.

Џими Кореја

Гајагеум е традиционален корејски инструмент еквивалентен на чалгаџискиот канон. Една Луна Ли опасно добро го свири, плус го сака Хендрикс. Voodoo Chile, може?

Бошко и Адмира

Вистинита е тоа приказна: додека решаваат заеднички да го напуштат Сараево, вљубените сарајлии Бошко и Адмира на 18-ти мај 1993-та година биваат убиени на мостот Врбања. Првиот снајперски куршум го погодува Бошко кој починува речиси веднаш, вториот е за Адмира која успева само да доползи до својата љубов, да го гушне и да испушти душа. Нивните тела остануваат на мостот цели 7 дена.

Избор меѓу невозможните

Иако не можеме да кажеме дека се сеќаваме на ова шоу, можеме да гарантираме дека ова е најфантастичната тројка што некогаш се појавила. Тројца ликови, секој спектакуларен сам по себе, требаат да се претстават и да шармираат девојка. Не ги знаете лично, ама сигурно познавате некој сличен на нив, а ако уште е ваков може треба да го запознате сам со себе.