Off Topic

Лионел Меси е статистичка аномалија

Перформансите на аргентинскиот фудбалски патријарх во голови и асистенции толку остапуваат од нормалната крива на дистрибуција што кога просекот на висината на луѓето би изнесувал 1,75 метри, Меси би бил висок над 2,30 метри. Веројатно никогаш во животот нема уште еднаш да видиме таков феномен, во која било област.     

Во Битола би го викале Темнио

Меланoтан II е синтетички пептид аналоген на природниот хормон кој го имаме. Развиен е во 1980-тите години на Универзитетот во Аризона како средство за потемнување на кожата без потреба од долго изложување на сонце. Не е одобрен од ниедно регулаторно тело но се продава нелегално а се инјектира поткожно. Изгорен од желба да биде потемнет, еден цреп го користел цели 17 години, за да сподели слики „пред и потоа“. 

Трамп е првиот американски претседател победен од едноклеточен организам

Фамозниот рефлектирачки базен на Трамп за кој пукна околу 15 милиони долари (дадени со директен договор, без тендер и наддавање) позелене од алги и почна да се лупи. Тврди дека некој со нож го има сечено. Кој доаѓа бре со нож за да сече бетонски базен? Ене ги, сега околу него ставаат огради „против вандали“.

Изјава на еден воен злосторник

Бен Гвир и Смотрич важат за најрадикалните министри во владата на Нетанјаху (не дека другите се нешто многу поумеерни, види како размислува министерката за социјална еднаквост). Бен Гвир го знаеме како тормозеше луѓе од флотилата за Газа (овде), отвораше шампањ и носеше значка во облик на бесилка кога се воведе смртна казна за Палестинци (овде), повикуваше Евреи да го населат јужен Либан (овде)...

Топката која го уби фер-плејот

Новата генерација фудбалски топки, опремени со сензори и постојан пренос на податоци, го менува начинот на кој се гледа и се суди фудбалот. „Трионда“ не само што мери допир, брзина и траекторија, туку и го намалува просторот за човечка грешка - и интуиција. Ако не па, и играчите да ги опремиме со сензори за еден ден полесно да ги замениме со роботи.

Црното море се омрси

Иако по претходните предупредувања за еколошка катастрофа во Црното море го обвинуваа дека ги плаши луѓето и дека ќе ја уништи туристичката сезона, неговите тврдења се чинат точни. Огромни дамки од нафта и мазут пливале по површината, најверојатно од протекувања откако Украинците удрија по руските рафинерии на нивниот дел од Црното Море. А дечкото вика, и неоправдано скапо било.  

Командант Мозок

Парализиран пациент од Охајо стана првиот човек кој успеа да ја помрдне својата рака со силата на својот мозок. Ќе почекаме уште многу за обратниот проблем, како и кој да мрдне нечиј парализиран мозок.

Најк го врти светот

Планетата прекинува да врти, луѓе во Најк патики пробуваат пак да ја стартуваат и залетаат. Цане Пребранац 2.0.

Проклетија што не завршува

Патот на еден постар господин попречен од најужасното нешто што го видел во својот живот - ескалатор!

Детето, најсилно оружје на мајката

Некоја блесава улична расправија. Во гужвата и една жена која нема ни ладно оружје, ни топло оружје, ни стап, ни бутур. Чек, чек, не дека тоа друштво е без ич! Во пресуден момент жената добива прекрасна асистенција која ќе ја реши утакмицата. Од што сме наивни па не ни се веруваат вакви работи, трипати ја гледавме снимката, да не е кукла некоја. Не бре! 

Во Битола би го викале Седативо

Бевме на лекар и требаше да ме боцнат и јас се исплашив ама маж ми ме смири. Само после ме болеше глава. #СегаКажувам #TaniTegoj

Победниците на Оскарите 2018, еден ден пред Оскарите 2018

Традиционално, по веројатно 3 пат, ги имаме предвидувањата за добитниците на Оскари во 13 категории на еден ден пред прогласувањето. Традиционално, на мајсторот му даваме две од карти да утне, па и со 11 погодени го сметаме за успех.

Да броиме туѓи пари

Тргнавме од видео со споредба како изгледаат 1.000 милијарди долари во банкноти од 1 долар, стигнавме до госпоѓа која мисли дека ја крадат на сметката за вода, па долгот од речиси 500 долари на шалтер го плаќа во пенија (1 пени = 1 цент).

Брана, брана друже мој

На реката Рашка пред некое време се поставува проточна еко-брана од компнијата Секопак, чија цел не е да запира вода, туку да запира основна домашна невоспитаност манифестирана како фрлање пластични шишиња во река. За еден викенд браната собира 3 тони пластични шишиња, на една единствена локација на која е поставена. Рашка не е ни меѓу топ 50-те најдолги реки во Србија.

Разлика меѓу млад богаташ и стар богаташ

Едниот е син на поранешeн канадски премиер, а моментално и самиот премиер на Канада. Вториот е син на поранешен американски богаташ, а и самиот стана богаташ, кој моментално е претседател на САД. Разликата меѓу стариот и новиот модел е во тоа што на новиот барем засега му е битно да изгледа дека знаењето е важно и не е сè во парите, стариот одамна се има откажано од тоа.

Оскаровско издание на Искрени трејлери

Од старт може да прешкртаме дека годинава ќе имаме барем приближно спектакуларни Оскари како минатата година, па во живо да гледаме човечка драма како некој прогласува погрешен победник за најдобар филм на годината. Во главната категорија повторно ќе треба да се избере еден од 9-те филмови, ако не сте ги гледале видеово сите ќе ви ги објасни на кратко.

Најнезабавното видео што ќе ги изгледате денес (или кој било друг ден)

Во април 2013, на тогаш 16 годишната Шарлот Идс и дијагностицираат редок случај на тумор на мозок од 3-то ниво. Во 2014 започнува сопствен Јутјуб канал на тема мода, шминка, убавина и слично. Во 2015 и откриваат нов тумор. Во септември 2017 на каналот е обајвено видеото под наслов „Brain cancer: Dying to Live, Living to Die in 4:42 minutes“ кое го документира напредувањето на болеста и живот на Шарлот во последните 4 години.

Ќе се пробие ли некогаш оваа моја глава?

Главно е точно дека упорноста се исплати. Освен во некои случаи како што е овој: кога пробуваш да облечеш долна тренерка на погрешната половина од телото.

Од снимањето на апсолвентската фотка на филмскиот универзум на Марвел

По повод 10 години од првиот Марвел филм (по ново броење), на едно место беа собрани сите можни глумци кои играле Марвел лик за да направат една заедничка мега-фотка. Целиот сетап изгледаше како да си сред забавен парк полн со Марвел оригинали.

Аљаска е многу напред со решавање на снегот по улици

Можеш да го чистиш снегот колку да пројдеш некоја улица и можеш да го чистиш како стварно да сакаш да им помогнеш на луѓето кои живеат таму.

Нервоза на денот: 50.000 долари на едно вртење на рулет

Џејк Коди е професионален играч на покер. Само што победува на еден покер турнир ја зема целата добивка од 50 илјади долари оди на масата на рулет и целата ја става на црно. Пуштај топчето.

Како Бил Гејтс го замислува светот во 2030

Годинава фондацијата на Гејтс наполни 15 години постоење и работа. Што направија, направија за овие 15 години, за следните 15 тие избраа четири главни теми за работа: здравје, образование, земјоделство и банкарство. Неговиот став е дека во следните 15 години животот на најсиромашните ќе се подобри повеќе отколку кога и да е претходно. Бонус препорака од Гејтс за сиромашните: не се крстете во биткоин.

Неолимписка зимска дисциплина: чистење натрупан снег од кров

Не е сè во скапа технологија, често пати и рачен алат знае да заврши работа (ако си видел доволно мака пред тоа). Има неколку различни школи, зависи на кого што му успеало.

Твит „без коски“ од германското министерство за надворешни работи

Повод: Германија ја победи Канада во полуфиналето во хокеј на Олимпијадата во Пјонгчанг и за прв пат во историјата ќе игра во финале.

Реклама во која Миленко не верува

Или Земјата не е рамна и стварно да ти била топка или Стоби имаа мултимилионски буџет за снимање на рекламава. Трето нема.

Нема секоја професија „undo“

Нијансите во „кој работи, тој греши“ е што еден дел од тие што работат имаат CTRL+S, CTRL+Z или „edit“ па можат да замачкаат или поправат секакви трагови од грешење. Кај други грешките завршуваат со клипови што прават да си благодарен на сè можно што си завршил во првата група, без разлика дали било до човекот или до опремата.

Пребројување по дебели

По логика „Слога тепа Вардар, Вардар тепа Ѕвезда, Слога шампион“ и методологија строго насочена во наша полза, доаѓаме до крајно ненаучен заклучок дека - чварка, сланина, ребра, кајмак и слично, само можат да те слабеат. Според мапата на дебели луѓе во Европа, Србија како колевка на кајмакот и престолнина на чварките, во својата популација има понизок процент на претерано дебели луѓе отколку Македонија во чија кујна преовладува зеленчук, ајвар, грав и сличен арсенал. Меѓутоа и двете држави имаат помал број дебели отколку една од основоположничките на Медитеранската диета - Грција.

За душманот од твојот џеб

Мрачната вистина е дека е станато многу тешко да најдеме некого или нешто што ќе ни биде поинтересно од нашиот смартфон, е воведот на морничаво прецизниот клип околу твојата врска со смартфонот. Не знаат што зборат? Пробај една недела да го користиш само за телефонирање и СМС пораки, па види како ќе ти оди.

На почетокот беше ритамот

Нам што светот ни се состои главно од читање пишување, убаво ни е да мислиме дека „на почетокот беше зборот“. Но слушнете колку поуверливо звучи оваа алтернативна идеја за почетокот. И тоа од нашата прамајка, Африка.