Исус, како што знаеме, мрази кога мажи легнуваат со мажи, и ако некој таков му се обрати со отворено срце, искрено покајувајќи се, Исус ќе го излечи. Ќе го исчисти од валканите желби. Во американските цркви хомосексуалците редовно ги враќаат на вистинскиот пат. На секои неколку месеци кај отец Метју доаѓа некој несреќен Џери, кого сопругата Патриција го затекнала како се пипка гледајќи како малиот на комшијата, гол до појас, со сино гумено црево ги полева хортензиите. Целата методистичка жупа во предградието на Детроит тогаш го моли Исус нивниот брат Џери да го извади од канџите на грозниот демон на страста. Американците тоа го викаат pray the gay away, и секогаш им успева. Грешникот на мисата почнува да се тресе, солзи му го облеваат лицето, паѓа на колена и, алелуја, слава на Бога, хомосексуалноста заминува, тукуречи како со рака однесена. Џери спокоен и среќен ѝ се враќа на сопругата Патриција и на нивните три деца, Стивен, Луси и малиот Џозеф.
Но, минува некое време, и Џери повторно го обзема лудило. Немирно се препелка во постелата крај жена си па на крај станува. На прсти, да не ги разбуди Стивен, Луси и најмалиот Џозеф, оди во гаражата, го пали моторот и вози на другиот крај на градот, во клуб каде мажи играат со мажи, и не минува многу време, тој почнува да се гали со еден сладок Рамон. Крај нив на подиумот отец Метју со раскопчана кошула и голи гради се трие од некое мускулесто русокосо момче, но ниту отецот Метју го гледа Џери, ниту Џери го гледа отецот Метју.
Ако сакате, вака некако би можела да оди и приказната за Хрватите и турбофолкот. Хрватите, секако, го мразат турбофолкот, или како што погрдно го нарекуваа, „цајки“. Надмоќно образувани, со негуван вкус, цврсто вкоренети во средноевропската и медитеранската култура, сите гол академик до академик, се муртат кога ќе го слушнат одвратното источњачко лелекање, како некој да прднал во собата. Музиката кои тие ја сакаат е сосема поинаква. Пензиониранито генерал и повеќекратно одликуваниот јунак Љубо Ќесиќ, на пример, обожава фри џез. И на полноќ и на пладне, и да ечат милион саксофони, тој секогаш би го препознал оној на Орнет Колман. Од друга страна, на Ѓура Глогошки, стопроцентен воен инвалид, многу поблиска до срцето му е лејтата.
„Секоја чест и на операта и на фри џезот“, вели Глогошки, „ама кога ќе се собереме друштво, ние бранителите, па ќе се напиеме, па нема подобро од барокна музика!“. Угледниот бизнисмен и хадезеовски пратеник Фрањо Луциќ пак, се распаметува кога ќе го слушне Гудачкиот квартет во е-мол на Феликс Менделсон. „Јооој Феликсе, како ме гаѓаш!“, крикнува тој задоволно лепејќи со плунка сто евра на чело на виолинистот, додека за Јосип Римац треба да се внимава да не си ги расече виталните крвни садови со скршена чаша кога ќе запее Жак Брел.
Се просеруваат така земјаците во смртен страв некој да нè помисли дека се Срби, преправајќи се дека слушаат сè почудна музика. Жак Худек и Франко Бралетиќ, бескрвен домашен „денс“, слабоумен фанк, сладникави славонски тамбурици или дури и псевдотрадициското далматинско пеење на Томислав Бралиќ и клапата Интрада, но тогаш паѓа ноќ и тие полека стануваат од кревет, токму како оној несреќен хомосексуалец Џери од почетокот на приказната, и одат во некаква биртија на периферијата, блиску до шумите и ораниците, каде се предаваат на својата мрачна страст. Сладострасно цивкаат, подвриснуваат, ги шират рацете, ја кинат облеката и ги лулаат цицињата на турбофолк. Со децении во народото живее тоа лицемерие.
Од гадење го затвораат носот на цајки како да не се сеќаваат каде биле во саботата, како во сон, месечарејќи во пижами да завршиле на концертот на Митар Мириќ, заедно со десетина илјади други, ред од ред добри Хрвати и католици. Можеби сте забележале, истите се и на концерт на Митар мириќ, и на миса за годишнината на укажувањето на Госпа во Меѓугорје. Сите бранители, инвалиди и вдовици, хадезеовци, праваши, усташи, домобрани, свештеници и чесни сестри одат на „цајки“ и сите глумат дека не се гледаат меѓусебе таму.
Се појави неодамна во Хрватска радио кое емитира исклучиво презрена српска музика, а патриотите се вознемирија како пилиња од јастреб, иако не е јасно зошто тоа се доживува како опасно? Покрај стотина станици од кои 24 часа на ден, седум дена во неделата, баботи хардкор панк, дед метал, спид метал, пауер поп, електро поп, гаражен рок, текс мекс, латино, кантри, американа, блуз, ритам и блуз, соул, хип-хоп, диско, денс, техно, валцери, австриски полки, италијански канцони, шпански шансони и тажни руски балади, како едно мало радио со српски турбо фолк би можел да ја загрози нашата таканаречена култура? Ако некоја музика не ве интересира, таа може сосема успешно да се игнорира. Сум сведочел во безброј прилики.
Иако неумерено сакам музика, за турбофолкот не знам баш ништо. И не го велам тоа за да се фалам, туку како факт. Понекогаш во белградско такси или од некој транзистор на пазарот Калениќ би ми влегол во уво интересен дел од некоја песна и би помислил дека секако би вредело некогаш да се посвети внимание на таква сетилна, бесрамно популистичка уметност, но сè би било џабе. Веќе по десет метри не би се сеќавал ни на ритамот ни на мелодијата. Го знам секој стих кој некогаш го снимил Боб Дилан, но Миле Китиќ, Цеца Ражњатовиќ или Сека Алексиќ не би можел да ги цитирам ни да ми стават пиштол на слепоочница.
Тоа постои некаде крај мене, и на ниту еден начин не ме загрозува. Музиката навистина може да ве вознемири само ако некако ве допира. Како што на лечените алкохоличари им се суши уста кога ќе видат шише вињак, или како што потисната лезбејќа ја преплавува жештина и гнев ако пред неа две жени се фатат за раце, така и вистинските Хрвати ги излудува да им се допаѓа турбофолк, а не би смеел да им се допаѓа. И тогаш живеат во лага, наместо опуштено да уживаат во музиката, и себеси чесно да си признаат дека се Срби.