Off Topic

Топката која го уби фер-плејот

Новата генерација фудбалски топки, опремени со сензори и постојан пренос на податоци, го менува начинот на кој се гледа и се суди фудбалот. „Трионда“ не само што мери допир, брзина и траекторија, туку и го намалува просторот за човечка грешка - и интуиција. Ако не па, и играчите да ги опремиме со сензори за еден ден полесно да ги замениме со роботи.

Црното море се омрси

Иако по претходните предупредувања за еколошка катастрофа во Црното море го обвинуваа дека ги плаши луѓето и дека ќе ја уништи туристичката сезона, неговите тврдења се чинат точни. Огромни дамки од нафта и мазут пливале по површината, најверојатно од протекувања откако Украинците удрија по руските рафинерии на нивниот дел од Црното Море. А дечкото вика, и неоправдано скапо било.  

Вашингтон не ја прекинува помошта за Израел туку ја крие

Трамп и Нетанјаху ја спукаа работата, односите меѓу Вашингтон и Тел Авив се на најниско ниво, но, дали се работи за вистински или за фингиран конфликт? За да се олабави од притисокот на јавноста (84% од Американците се за кратење на воената помош за Израел), дали длабоката држава решила да ги пикне односите со Израел под радарот на конгресниот мониторинг и да ги предаде во рацете на сивите зони на Пентагон?

Поразите не ги гледате на Инстаграм

Финалекција за сите оние кои се мамат и залажуваат по она што го гледаат на социјалните мрежи, верувајќи дека виделе формула чиј успех е неизбежен. Успехот не само што не е неизбежен туку е исклучок. A залажувањето не се случува само на мрежите. Многу луѓе мислат дека кафана кај нас не може да не успее, гледајќи како сите кафани наоколу се полни. Само што не ги гледаат оние стотици кои пропаднале. 

Музиката може да боли како камшик

Иранската пејачка Парасто Ахмади и осум членови на нејзиниот музички тим деновиве биле осудени на 74 удари со камшик затоа што настапила без хиџаб на концерт пренесуван на Јутјуб. Тоа било против јавната пристојност и објавување „вулгарна и неморална содржина“. Плус две години не можат да излезат од Иран ниту да настапуваат во земјата. Мала поддршка за Парасто и сите кои се гњавени од задрти луѓе од сите вери и невери. 

Тој мисли сите пијат нафта

9 март: „Сега сме целосно независни од Блискиот Исток. Не ни треба нивната нафта.“ 1 април: „Тоа навистина не нè засега. Имаме толку многу нафта. Имаме огромна нафта и гас, многу повеќе отколку што ни треба.“ 17 јуни: Ако не се согласев со Меморандумот за разбирање, „ќе ни снемаа резерви за околу 4 недели... навистина ќе ни снемаа, и ќе дојдеше време кога нема да можете да дојдеме до нафта.“

Кој тоа научи да се облекува?

Се покажало тоа како потешка задача отколку што се мислело, бидејќи се работи за речиси безброј нестандардни облици на облека која треба да се натне на себе. Сепак, со помош на Deep Reinforcement Learning, после неброени часови обиди и грешки, вештачката интелигенција успеала во она во што ние успеваме и кога сме најглупи - сабајле. 

Кога историјата би се случувала на Фејсбук

Колекција од Фејсбук статуси од некои од клучните моменти во човековата историја. Титаник не требало толку да се чатали.

Еволуцијата на гитарата, без гитара

Дузина опасни гитарски песни, отсвирени без ронка гитара. Само клавијатуруи, тапани и бас.

Пост структурализам, лесна работа

Иако шансите да налетате на овој збор се реално мали (ако сте нормален човек), сепак, можете да го начекате во некоја од оние уметничко - филозофски дискусии кои ги водат учени луѓе чија работа е толку досадна што мора да користат големи зборови за да ја направат поинтересна. Најјасно на свет, објаснува премудриот Хенри Јангмен.

Проста делба

Трабант, една од најмоќните автомобилски справи на светот, кога е доведен во беља, се однесува како гуштер.

Време на зорт

Пауерлифтинг е нешто слично на олимпиското дигање тегови, само што е составен од три дисциплини (дигање од клечење, на клупа и од место) чиј комбиниран резултат го дава победникот. Него, остајте тоа. За фаците во клучните моменти ни е муабетот.

И лук јал и лук мирисал

Некој овде да отвори фурна со вакви, само од пензионери може да живее ко бог.

Девојка со туретов синдром и неверојатна смисла за хумор околу својот проблем

18-годишната девојка пред камерата на својата мајка покажува како за луѓе со нејзина дијагноза изгледа справувањето со јајца. Што се однесува на туретовиот синдром нејзиниот став е „со него се справувам фокусирајќи се на смешната и позитивната страна, а исто така и со споделување на моите искуства со другите“.

Баба Наталија, пијано

Фасцинантна е не само возраста (84 години) и умешноста на тие години да се свири така, туку и фактот дека она што го свири Наталија Треилинг на улица во Мелбурн е она што во тој момент го создава. Композиција која не била свирена никогаш порано и никогаш после тоа.

БДП трка

Интересен графички приказ на споредбеното движење на 10-те најголеми БДП-и во светот, од 1960 година до лани. Можеби следењето на првото место е досадно (Американците), ама затоа пазете ги она Кинезите како финишираат.

Поуки за западни демократии

Болсонаро не е бразилскиот Трамп, како што тоа често прелесно се врзува. Не е тој од новиот алт-десен бран во САД и Европа. Тој е опасен старомоден екстремен десничар за кого гласаат обични Бразилци, сиромаштија, црнци па дури и ЛГБТ. Луѓе кои до вчера гласаа за левицата. Небањатите. Сите очајници кои сфаќаат дека стандардната политичка елита пет пари не дава за нивните проблеми.

Кој ги видел 80-тите години, знае што е слобода и блискост со Запад

Слободата и блискоста со Западот какви што во Југославија постоеја во 80-тите години на минатиот век остануваат недостижен идеал дури и кога се живее и работи во земја членка на ЕУ и НАТО. Според Миљенко Јерговиќ, овдешните елити знаат да започнат нови војни но не и да излезат од нив.

Одјавата на Милан Младеновиќ

Првиот човек на ЕКВ почина на 5-ти ноември, веќе далечната 1994 година. Во своето последно интервју го има кажано ова:

Спринтерскиот ритам на маратонецот

На учесниците на „Чикаго маратон 2018“, организаторите им поставија подвижна лента која се движи со ритамот на рекодно истрчаната маратонска должина на Елиуд Кипчоге. Самите да почувствуваат со кое темпо 33 годишниот Кениец трчаше цели два часа во Берлин. Неверојатно.е колку е тој различна машина од сите други човечки сусптества.

Мераци на забавено

Кога „Барака“ би била составена исклучиво од насилни експлозии, уништувања и сечења, тогаш веројатно вака би изгледал документарецот.

Со еден збор: Индија

Видеото не е ништо посебно но ситуацијата е уникатна и смирувачка за вашите секојдневни проблеми. Замисли, лебот го вадиш од нешто во кое основно средство за работа ти е змија. И некој ти ја краде на улица. А ти ја краде мајмун! Кому после да се исплачеш?

Сам себе се сервисирал

Имаме чуено за хирурзи кои се помалку вични од царов.

Ич не е смешно

Си биле две жени. Оделе по улица и си кажувале виц...

Боемска рапсодија во 42 стила

Можеби дечкото не го скинал баш секој глас идеално ама стиловите се погодени. Плус 42 се, да му се невиди, тоа треба да ти текне ем после да се изработи.

Апарат за размена на бонбони

Компанија за слатки смислиле згодна реклама. Направиле автомат во кој се оставаат сите несакани бонбони кои се добиени за Хеловин и за возврат се добиваат нивни благца. Ќе треба ваква за костени и портокали, кај и да е, ќе дојде Коледе.

Мобилните го возвраќаат ударот

Целата штетност од смартфоните, без разлика дали медицинска или општествена, се некако успеваме да ја накалемиме на уредите притоа триумфално давајќи си комплетна колективна амнестија сами на себе, дека не можеме ништо да направиме во врска со тоа што се случува. Од телефонска перспектива работите стојат поинаку.

Три поенти за децата

1. Треба да се изложени на реалниот свет и неговите предизвици, со сите присутни гадости. Кога се обидувате да ги заштите од непријатности, конфликти, навреди, задевања, истовремено спречувате тие да развијат механизам за справување со сето тоа. Стануваат слаби и кршливи 2. Тоа што некој ќе се смета за навреден и реагира емотивно, не значи дека е во право. 3. Постојаното барање „добри“ и „лоши“ луѓе е дел од истата тактика на црно-бело гледање на работите.

Љубиша Ристиќ брутално за Македонија

„Што ќе биде со Македонија е прашањето над сите прашања,“ тврди театарскиот режисер и контроверзен левичар Љубиша Ристиќ. Според него, сите други проблеми се локални, единственото големо европско прашање е Македонија. Чујте го, па по некој ден ќе читкаме „анализи“ како објавувањето на ова видео на Оффнет е суптилен потег на Кремљ во Македонија да се инсталираат агенти-спијачи кои уште ги контролира Мира Марковиќ. Или така нешто.

Кафана се сака и кога ѝ е најтешко

Жители (и туристи) на Венеција крајно не ги занима дали „иде Дунав“ или не. Имаат луѓето приоритети во живот. Исто, браво за кафанџијата што е отворен, ама според чизмите на персоналот и гостите, не му е ова прва поплава.