Off Topic

Една е мајка

Мјуриел Евелин Клиз, мајката на Џон Клиз од Монти Пајтон, поживеа убав и долг живот, послан во 19-от и 20-оt век, за да почине на почетокот на новиот милениум, во 2.000 година, еден ден откако наполнила 101 година. Синот често ја спомнува во емисии но знаел да ја искористи и кога беше жива, а тој и дружината само што го биле снимиле филмот Житието на Брајан (1979).

Трамп, читаш ли ти нешто?

Иранската стратегија во случај да биде нападнат од САД и Израел одамна беше позната. На Техеран му е јасно дека Америка e воено супериорен ама затоа може да ја запали чергата регионално, со блокада на теснецот и со напад на околните американски сојузници и нивните бази. Трамп сега демек се чуди што овие нападнале соседни земји. Вика, биле шокирани од тоа. А ние па му веруваме.

Правилата на рамковниот Оскар

Воведени од 2022 а задолжителни од 2024 година, правилата на филмската Академија која го организира Оскарот велат дека во трка за најдобар филм НЕ МОЖЕ да се најде филм кој НЕ исполнува два од четирите услови поврзани со диверзитет и инклузивност (глумци, екипа и приказна). Што на расна и етничка основа, што на основа на „недоволно претставени“ групи. Да беше така последниве 80-тина години, ќе беа елиминирани легендарни филмови.

Брет Вајнстин не дава да им заборавиме

Потпирајќи се на сведоштвото од прва рака на доктор Пол Офит, своевремено цензурираниот Брет Вајнстин упорно ги прашува оние кои во меѓувреме сменија дрес во врска со ковид вакцините што мислат за тоа што Фаучи и сите главни играчи кои тврдеа дека природниот имунитет не е доволен туку ни требаат и вакцини и бустери (чии долгорочни нуспојави допрва се гледаат), ама тоа ѝ го премолчеа на јавноста жестоко напаѓајќи ги оние кои мислеа поинаку.

Бугарска дистопија

Пекара, детско игралиште со лулашки, слободни дечиња кои ведро и безгрижно го минат своето детство, слободни клупи... само што сето тоа изгледа како сцена во Мед Макс. Не е дојдено ние да им се ситиме, го имаме и ние истото тоа на ангро, ама „добро е што санкциите кон Русија даваат резулати и Бугарија цвета,“ сеират руски коментатори. 

Африканската баба Зумбула

Во шоуто на Грем Нортон се раскажува вистинска случка неверојатно слична со приказната од филмот на Дарко Митревски. Не само што починала баба во една земја (Мозамбик) а редно било да ја вратат дома (во Јужна Африка), не само што било процедурален проблем да се префрли преку граница, не само што ја завиткале во килим, туку и кога минале граница, тркнале во првиот ресторан на пијачка, да смират нерви. А потоа, знаете што се случило.

Некогаш се тркалаа Стоунси, денес се тркалаат лимони

Кога на Мике Сакасегева животот му дал лимон, наместо да си направи лимонада тој направил видео од тоа како лимонот се тркала покрај ивичник од тротоар. Класичен вирален импулс: почнуваш да го гледаш клипот од што не веруваш дека тој се сведува на нешто толку глупо а по некое време почнуваш да навиваш за лимонот и се прашуваш до каде ли ќе стигне. И така, видеоото од лимонот кој се тркала, во втората деценија од 21-от век,  за кратко време го одгледаa преку 2 милиона луѓе.

Се кладиме дека има полесни начини за перење кола?

Упорноста секогаш е врлина кога не е на штета на некој друг и на околината. И стварно човеков изгледа вежба за нешто и сигурно е на нешто, ама пак ќе повториме, има и полесни (и поефикасни) начини за перење кола.

Мила ми е Хрватска, ама служба си е служба

Противпожарна станица во Загреб за време на четвртина финалето меѓу Хрватска и Русија. Пожарникари пред телевизор, а на терен се изведуваат пенали. Русинот Кузјаев само што даде гол и резултатот е 3:3. На ред е Ракитиќ кој треба да го изведе последниот пенал на натпреварот за Хрватска. Во станицата ѕвони аларм за пожар.

Логистика на Формула 1

Тоа што се случува во бекстејџ на Формула 1, за сите учесници во „циркусот“ да стигнат на време и да функционираат, е идентично фасцинантно како  науката и технолошките достигнувања на самите болиди. Пример како целиот екипаж, тони опрема, болиди и сè до последна ситница да стигне од Бахреин до Кина за помалку од една недела? Просто, пакувањето во Бахреин почнува пред воопшто да почне трката во Бахреин.

Човек на денот

Мае Буа Чаичеун е одгледувач на ориз од Тајланд. Не е некој голем земјопоседник туку има оризови полиња доволно колку „да се пројде,“ кои се наоѓаат во близина на пештерата во која беа заглавени децата. Таа исто таа е една од локалните жени што од почетокот на операцијата за спасување се пријавува како волонтерка и работи како готвач во кампот.

Јапонскиот Робинзон

82 годишниот Мафасуми Нагасаки цели 29 години поминал во мир и разбирање со самиот себе на пуст јапонски остров. Она по кое мечтаат многу урбани луѓе, само што не може да пројдат две минути а да не ѕирнат во телефон и ги фаќа егзистенцијална паника ако батеријата им е при крај.

Не е новинарски нос за секаде да се бута

Колумбиски (веројатно) новинар известува од протест за легализирање на марихуана. Тој добронамерен, тие уште подобронамерни. Колку тој повеќе прашува, толку тие стануваат порасположени да одговараат и да го прифатат како свој. И би нивни.

Диор инспириран од Романија

Минатата година Диор вади колекција на луксузни палта, елеци и капути, кои освен што им изгледаат ултра-скапо на сите (со примероци кои имаат цена и до 30.000 евра), на некои им изгледаат и крајно познати, посебно на жителите на Бихор, северозападен регион во Романија. Не дека Бихорјани се сериозни следбеници на haute-couture, ама се прилично детално запознаени со својата носија. Излезе дека во случајот со последната колекција на Диор тоа му доаѓа исто.

Италијански готвачи го проверуваат интернетот

Конзилиум од три активни готвачи од Неапол седнува пред лаптоп и преслушува серија Јутјуб готвачи на тема паста „aglio e olio“. Единствената работа околу која се согласуваат двете страни е дека ова е наједноставниот рецепт за паста.

За генерациите кои растат по дома

Како ќе заврши приказната со астмата и алергиите зависи од вас, бидејќи нејзиниот крај уште не е напишан.

Секогаш е подобро да си партизан. Секогаш.

И кога народот ти станува дел од големото европско семејство. И кога државата престанува да биде монета за поткусурување на големите сили. И кога престануваат грижите за нови војни а народот почнува да се посветува на својата и општата благосостојба, со поддршка на обединета Европа. Секогаш.

Многу е добро како Американците си го замислуваа фудбалот во 90-те

МЛС е најновата реинкарнација на американската прва фудбалска лига. Основана во 1993 (пред Мундијалот во САД), а првата сезона почнува во 1996. И одејќи по логиката дека они ќе го унапредат светскиот фудбал, во првата сезона решаваат да воведат сопствена верзија на пенал серијата.

Коментар за коментарот

Нашите преноси од светско генерално ги покриваат 3 пара коментатори, кои работата ја вршат по европска школа, генерално смирено, информативно и без многу драмење. Американците, Мундијалот го гледаат на три различни канали, и на трите има различен тип на водител: Британец, Американец и Латино. Заради ова имаш три различни доживувања на ист натпревар.

Овој југенд не е како што го мислеа

Ти ја мислиш германскава младина секој ден со нетрпение чека да влезе во цокулите на своите претходници и да се зафати со унапредување на човештвото, ЕУ, родната земја, кога тоа они ко да се растени само на руски феил клипови. Можеби се подразбира, ама дај да повториме за секој случај: не фрлајте спрејови во печка.

Човештвото меѓу Елизабета Втора и вечноста

Во истиот ден кога беше објавено дека британската кралица била нешто настината, по што следуваше откажување на нејзиното присуство на церемонија во катедралата Св. Павле, министрите на британската влада „се собраа на пробна вежба без преседан“ за тоа што треба да прават во случај на нејзина смрт. Елизабета Втора е родена 1926, а станува кралица во 1952-ра. Во овие речиси сто години од нејзиното раѓање, само Британија има сменето околу 20 премиери.

Добродојде за Тесла од Форд

Викендов Елон Маск објави дека не само што ја постигнале посакуваната стапка на производство, 5.000 автомобили неделно, туку и ја надминале и сега се до 7.000 возила, отприлика по 1.000 на ден. Чудењето на Форд што тоа околу ова достигнување е неверојатно и уште колку има Тесла за по производство им да се приближи големите автопроизводители, е сумирано во твит на еден од неговите директори.

Изгубени во преносот

Ако мислите дека ве нервираат сегашниве коментатори, само замислете свет во кој што фудбалот се коментира како голф. Веројатно никогаш не сте имале поголем порив да го гаѓате телевизорот. Мада, обратна ситуација и не е нешто страшна.

Проблемот со рокот на траење

Наместо да постои еден универзален термин, пр. „не е за консумирање по тој и тој датум“, компаниите како да даваат сè од себе за да го збунат купувачот. Па имаш „најсвежо до“, „пакувано на“, „да се продава до“ и слична креативност. Најголемиот ланец супермаркети во САД анализираќи ги производите што ги продаваат, открива дека има 47 различни термини што производителите ги користат за обележување на рокот на траење.

Компилација „Свецко 2018“

Првата половина од секое Светско е чист мерак за гледање затоа што во игра се секакви скриени таленти кои редовно успеваат да освојат симпатии на публика, која ќе ги збори барем до следното Светско (и на пример да видиш дека и ти од тука можеш да навиваш и да се возбудиш за Иран како да си израснат на улица во Техеран). Дел од општо народниот сеир собран од натпреварите по групи.

Ок, дај!

Цела среќа Германциве не ги тера ист малер за технологија, ко што е за фудбал. Изумот на еден германски студент: „ербег“ за смартфон.

Неле Карајлиќ: Што се случи после неделата во која замина Хасе

Во далечната 1985 година, Забрањено пушење на својот втор албум „Док чекаш сабах са шејтаном“ ја ставаат и песната „Недеља кад је отишо Хасе“, номинално посеветена на последниот натпревар на сараевската фудбалска легенда Асим Ферхатовиќ а преносно на заминувањето на Тито. 33 години подоцна, Неле Карајлиќ решава да удри црта и да сумира што тоа се случуваше после таа недела.

80 странци. 40 држави. Една порака.

80 луѓе од светот кои никогаш не се виделе меѓу себе, 4 месеци работеле за да покажат како интернетот и модерните алатки за комуникација можат да помогнат да се направи еден заеднички проект со заедничка порака. Значи комплетно одбратно од начинот на кој истиот тој интернет и истите тие алатки за комуникација се користат кај нас: од 80 пријатели да направат 80 странци, секој од нив да има своја порака и никој од другите да не сака да го слушне.

Стари навики

Кога некоја узречица ќе ти влезе во систем џабе после цел живот одвикнување... посебно ако не ти е до одвикнување.