Шпанија со ВИ ќе ги рангира платформите според говор на омраза

Социјалистичката влада на Шпанија лансира алатка со вештачка интелигенција што ќе го следи говорот на омраза на социјалните медиуми и ќе ги рангира според бројот на хејтерски содржини. Премиерот Педро Санчез најави и законска забрана за алгоритамско засилување на говор на омраза.

Омразата веќе беше опасна, но социјалните мрежи ја претворија во оружје за масовна поларизација и тоа на крајот се провлекува во секојдневниот живот, изјави премиерот Санчез на Меѓународниот самит против омраза и дигитално вознемирување.

Новиот систем, познат како HODIO, ќе анализира голем обем на јавно достапна активност на социјалните медиуми за да го измери обемот и ширењето на говорот на омраза преку интернет. Врз основа на собраните податоци, ќе се објавува јавно рангирање на платформите, со споредба на циркулацијата на говорот на омраза.

Санчез најави дека владата планира законски измени за забрана за „алгоритмско засилување“ на хејтерски содржини.

Толкувањата кои содржини ќе се сметаат за „говор на омраза“ ќе се базираат на академски критериуми, меѓународни стандарди и комбинација од автоматизирани алатки со ВИ и експертски преглед. 

Овој процес обезбедува конзистентна, точна и добро основана дефиниција за говор на омраза, се наведува на страницата на HODIO.

И Европската Унија донесе закони и регулативи против говор на омраза, како Законот за дигитални услуги за справување со нелегалната и штетна онлајн содржина. Правилата предизвикаа гневни реакции од администрацијата на САД, која ги смета за онлајн цензура.

Премиерот Санчез во февруари почна и иницијатива за построга дигитална регулатива и сака да го забрани пристапот до социјалните медиуми за корисници под 16 години.

12 март 2026 - 10:11