Документот од 2020 „Основни принципи на државната политика на Руската Федерација за нуклеарно одвраќање“ тврди дека одлуката за користење нуклеарно оружје ја носи претседателот на Русија.
Малото куферче, Чегет, кој е постојано околу претседателот го поврзува него со командата и контролната мрежа на руските стратешки нуклеарни сили. Главната функција на Чегет е да ја пренесе наредбата за лансирање на нуклеарките до централната воена команда, Генерал штабот.
Освен претседателот, Чегет наводно имаат и министерот за одбрана и првиот човек на генерал штабот. Клучот за куферот го носи дежурниот офицер. Системот може да се активира само доколку стигне потврда од два од вкупно трите куфери.
Куферот на претседателот секогаш го носи морнарички офицер во униформа за да биде подобро видлив за претседателот во хаотични ситуации.
Рускиот Генерал штаб е тој што го има пристапот до кодовите за лансирање и располага со два начини за лансирање на нуклеарните глави.
Првиот, главен начин, е да испрати авторизација до командантите на поединечни оружја, и потоа да ја спроведе процедурата за лансирање.
Вториот, бекап, се вика Периметар, и му дозволува на Генерал штабот директно да го иницира лансирањето на копнените ракети, целосно заобиколувајќи ги командантите.
Во истиот документ од 2020 се наведува дека има четири сценарија во кои е оправдано користењето на руското нуклеарно оружје:
- Употребено е нуклеарно или оружје за масовно уништување против Русија или нејзините сојузници;
- Податоците покажуваат лансирање на балистички ракети насочени кон Русија или нејзините сојузници;
- Извршен е напад врзи критични владини или воени локации кои би ги поткопале капацитетите на владата да одговори со нуклеарно оружје;
- Против Русија е употребено конвенционално оружје „кое станало закана за самата егзистенција на државата“.
Федерацијата на американски научници проценува дека Русија има 5.977 нуклеарни глави од кои 1.588 се во служба и подготвени за користење. Нејзините проектили можат да бидат лансирани од тло, подморници и авиони.
Куферот лично се предава од актуелниот на новиот претседател. Едно од најиконските предавања на Чегет се случи на 25 декември 1991, во 19 часот и 38 минути, кога претседателот на СССР, Михаил Горбачов, му го предаде нуклеарниот куфер на претседателот на Русија, Борис Јелцин, по што советското знаме над Кремљ беше заменето со руско.