Иако во првичните верзии кога картите пристигнуваат во Европа (Италија и Шпанија) кон средината на 14-от век на нив не се претставени човечки фигури, со тек на време трите најголеми карти добиваат и ликови.
Некаде во 15-от век француските производители почнале да ги обележуваат картите со имиња од историјата и митологијата. Па така за кралевите тие се одлучуваат на следните имиња:
- Кралот срце е Карло Велики.
- Кралот лист е еврејскиот крал Давид.
- Кралот баклава е Цезар.
- Кралот детелина е Александар Македонски.
Карло Велики е ставен како иконски француски херој кој ги обединува Франките и ја создава својата империја. Тој е потсетник на тоа величенственото минато на Франција и долговечноста на монархијата.
Библискиот крал Давид го претставува триумфот на правичните врз силните. Цезар е избран како римски херој и освојувач на Галија. Додека Александар е избран како војсководец кој ги поразува Персијците и освојува далечни територии се до Хиндукуш во Авганистан.
Праксата за давање имиња останува се додека на власт останува кралевите, што е отприлика уште околу 200 години, до Француската револуција, која ја укинува монархијата во Франција.
Истото правило со имињата е воведено и за „кралиците“ само што тука нема вистински кралици, туку се митолошки ликови.
Едно време германските производители ги вадат кралиците и ги заменуваат со уште еден „џандар“. Меѓутоа Французите решаваат кралиците да останат, и како водечки и најголеми производите на карти во Европа, успеваат да ги задржат во шпилот и во другите земји.
Иако има повеќе верзии за тоа кои точно се кралиците, водечкиот консензус е дека во „парискиот шаблон“ ги има:
- Кралицата срце е библискиот лик Јудита.
- Кралицата баклава е библискиот лик Рахел.
- Кралицата лист е Палада едно од имињата на грчката богиња Атина.
- Кралицата детелина е Агрине, анаграм од латинскиот збор за кралица „Regina“.
Најниска од сите карти со лик е „џандарот“, кој има најспорно „звање“ од сите три. На почетокот, во Италија и Шпанија тој е „пешадинец“, во Франција е „личен слуга“, а во Британија е „дете или младо момче“, во смисла на најмлад слуга во некое домаќинство.
Терминот што го користат Британците „knave“ со тек на време станува погрден збор бидејќи кралските семејства имаат толку многу од овие помошници што тие често пати денгубат на улица правејќи тепачки, малтретирајќи девојки и останати проблеми. Со тек на време Британците го менуваат терминот од „knave“ во „jack“.
Во парискиот шаблон, џандарите обележани со V за „valet“ (личен слуга) ги имаат следните ликови:
- Џандар лист е Холгар Данецот, кој прво го убива синот на Карло Велики за подоцна да му се придружи во борбата против Арапите.
- Џандар срце е Ла Хир, француски воен командант во 100-годишната војна.
- Џандар баклава е принцот на Троја, Хектор.
- Џандар детелина е британскиот херој Ланселот.