Како луѓето навистина го користат ЧетГПТ?

Три години по создавањето на ЧетГПТ, активно го користат повеќе од 700 милиони луѓе - секој десетти човек на планетата, и тој број се зголемува, бидејќи во август повторно беше најсимнувана апликација во светот. Но, дури сега креаторите во ОпенАИ открија како луѓето му пристапуваат на моделот со ВИ, за што го користат, какви се разликите помеѓу мажите и жените, младите и возрасните. 

Со првата сеопфатна студија за тоа како луѓето всушност го користат ЧетГПТ биле анализирани вкупно 1,5 милион разговори помеѓу корисниците и четботот. Повеќе од три четвртини од сите разговори се однесувале на барање практични насоки, информации и за помош при пишување.

Од 700-те милиони луѓе што го користат ЧетГПТ секоја недела, најмногу барале специфични информации. Тимот за економски истражувања на ОпенАИ, кој ја изработил студијата во соработка со економистот од Харвард, Дејвид Деминг, заклучува дека генеративната ВИ сè повеќе ја презема улогата од традиционалните пребарувачи како Гугл, а воедно има и многу поширока улога како личен асистент кој може да извршува задачи и да нуди совети.

ЧетГПТ им помага на луѓето за подобрување на проценката и продуктивноста, особено на работни места што бараат интензивно знаење. И како што луѓето ги откриваат овие и други придобивки, употребата се продлабочува. Корисниците ја зголемуваат својата активност со текот на времето преку подобрени модели и откривање на нови случаи на употреба, се наведува во студијата.

Највпечатливо било откритието дека само 30% од луѓето го користат ЧетГПТ како алатка за професионална помош на работа. 

Подлабока анализа на податоците открила како луѓето му пристапуваат на ЧетГПТ. Нешто повеќе од половина од сите пристапи биле „прашање“, а 35% биле „барање“, што е за 10% помалку во споредба со истражување спроведено лани. Само 14% од интеракциите биле за активности на „изразување“, како што е саморефлексијата, но овој процент значително се зголемил во споредба со лани. Извршниот директор Сем Алтман, кој пред некој месец изјави дека корисниците повеќе бараат правна помош, одговори за здравствени проблеми и совети за животот воопшто.

Студијата, исто така, откри големи разлики во начинот на кој мажите и жените го користат ЧетГПТ. Оние со типично машки имиња повеќе барале техничка помош и мултимедија, а оние со женски имиња почесто го користеле како алатка за практично водство и помош при пишување. Мажите, кои сочинувале две третини од раните корисници, сега се во малцинство. Друг демографски тренд откриен во студијата е дека повеќе од половината корисници се помлади од 26 години. 

Едно од најзначајните откритија во студијата се крие во врската кон посебно истражување спроведено од „Карнеги Мелон“ оваа година, кое открива дека „просечниот корисник во САД е толку зависен од генеративна ВИ што би требало да му бидат платени 98 долари за да се откаже од неа еден месец“. Ова е зачудувачка цена за технологија која дури и не постоеше пред три години, а која сега непрофитната ОпенАИ ја опишува како деловна можност од 97 милијарди долари.

24 септември 2025 - 10:34