Истрага на ЕУ против Грок: Секс, лаги и видеа

Европската комисија отвори истрага за Грок поради загриженост дека алатката за вештачка интелигенција на Илон Маск им овозможува на корисници да прават сексуализирани слики од фотографии на вистински луѓе. Ако се утврди дека е прекршен Законот за дигитални услуги, Брисел може да ја казни компанијата со 6% од нејзиниот глобален годишен промет.

Идентични истраги против Грок пред неколку недели отворија и Британија, Германија, Франција и Австралија. Индонезија и Малезија привремено го блокираа пристапот на свои корисници до ботот со ВИ.

Реагирајќи на овие процеси, одделението за безбедност на Икс објави дека опцијата на Грок за дигитално отстранување на облеката од фотографии на луѓе е блокирана во земјите во кои таквата манипулација е нелегална.

Маск на својот профил ја коментираше одлуката со слика како би изгледале фотографиите ако Грок ги прифати сите забелешки од регулаторите што наметнуваат цензура.

Тој претходно се пофали дека со алатката на Грок биле генерирани над 5,5 милијарди слики за само 30 дена, што е 5,5 пати повеќе од главниот конкурент – Нано Банана на Гугл Џемини – и тоа за двојно пократок период.

Хена Виркунен, потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија во Комисијата, ги нарече сексуализираните видеа на Грок „насилна и неприфатлива форма на деградација“.

Ќе утврдиме дали X ги исполнил своите законски обврски според Законот за дигитални услуги или дали ги третирал правата на европските граѓани - вклучително и на жени и деца - како колатерална штета на својата услуга, изјави Виркунен.

ЕУ пред еден месец го казни Икс со 120 милиони евра поради неговите сини ознаки, тврдејќи дека тие се измама, зашто фирмата не прави значајни проверки кој стои зад сметката. Како одговор, американскиот државен секретар Марко Рубио ја обвини ЕУ за напаѓање и цензурирање на американските фирми.

Казната на Европската комисија не е само напад врз X, туку напад врз сите американски технолошки платформи и американскиот народ, оцени Рубио.

„Апсолутно“, додаде Маск.

26 јануари 2026 - 15:14