ЧетГПТ обвинет за соучество во масовно убиство во Флорида

Обвинителството на Флорида отвори кривична истрага против четботот ChatGPT поради основани сомневања за „соучество“ при оружениот напад во Државниот Универзитет во кој беа убиени две лица и шестмина беа ранети. Четботот на OpenAI го советувал убиецот каков тип оружје да користи за да убие што е можно повеќе луѓе.

Главниот обвинител Џејмс Утмаер побара да се истражи дали ChatGPT му помогнала, го поттикнала или го советувала обвинетиот убиец Феникс Икнер да го изврши нападот во Државниот Универзитет во април минатата година.

Преглед на комуникациите на осомничениот убиец покажал дека тој добил совети од четботот каков тип оружје и муниција да користи, да ја избере локацијата и времето од денот за да може да убие што е можно повеќе луѓе.

Икнер се соочува со две точки за убиство од прв степен и неколку точки за обид за убиство од прв степен. Обвинителите имаат намера да бараат смртна казна.

Не се знае какви се потенцијалните последици за ChatGPT, односно за OpenAI. Обвинителот Утмаер признава дека неговата канцеларија навлегува во „неистражена територија“. 

Ако од другата страна на екранот имаше човек, ќе го обвиневме за убиство. Секако, ChatGPT не е лице, но тоа не го ослободува мојот обвинителски тим од должност да истражиме дали постои кривична одговорност, изјави Утмаер.

Обвинителство на Флорида побара од OpenAI да ги достави евиденциите за нејзините политики и материјали за обука во врска со закани за повредување луѓе, како и за политиките за пријавување на „можни минати, сегашни или идни злосторства“.

Портпаролката на OpenAI, Кејт Вотерс, изјави дека пукањето во FSU било „трагедија“, но отфрли каква било одоговорност на компанијата. Четботот едноставно ги сумирал податоците што осомничениот убиец можел самиот да ги пронајде на интернет.

Во овој случај, ChatGPT обезбеди фактички одговори на прашања со информации што можеа да се најдат широко низ јавни извори на интернет и не охрабруваше ниту промовираше нелегални или штетни активности, тврди Вотерс.

Обвинителството, исто така, покренало и граѓанска истрага. Во неколку граѓански тужби веќе се бара отштета од компаниите за ВИ поради влијанието на четботовите и социјалните медиуми врз менталното здравје на корисниците.

Во март порота во Лос Анџелес ги прогласи и Мета и Јутјуб за одговорни за штетите од нивните платформи врз деца. Во Ново Мексико, порота утврди дека Мета свесно го оштетила менталното здравје на децата и криела податоци за сексуалната експлоатација на деца на своите платформи. Во март, исто така, Американец го тужеше Гугл за „неправедна смрт со самоубиство“ на неговиот син.

22 април 2026 - 08:48