ЧетГПТ не оставил никого без работа

Уште од промоцијата на ЧетГПТ во ноември 2022 година, експертите предвидуваат дека јазичните модели со вештачка интелигенција ќе елиминираат непотребни работни места. Програмерите, работниците и службениците од списоците со загрозени професии може да здивнат. Ново истражување покажува дека, барем засега, ВИ нема никакво влијание врз пазарот на трудот.

Вознемиреноста од ефектите на ВИ врз денешниот пазар на трудот е само шпекулативна. Ова е заклучокот на истражувачки тим од Универзитетот Јеил, кој анализирал податоци за работните места во САД во изминатите 33 месеци по лансирањето на ЧетГПТ. Во студијата Budget Lab биле следени промените на пазарот на трудот за работници поделени во три групи на изложеност на технологијата на ВИ - високо, средно или ниско.

Ако вештачката интелигенција воопшто има влијание, би очекувале намалување во групите со висока и средна изложеност, но тоа едноставно не беше случај. Всушност, процентот во секоја категорија не се промени многу, што укажува дека ВИ во суштина е неважен фактор, барем досега, заклучуваат авторите.

Во посебна анализа била разгледувана стапката на промена во составот на американската работна сила и била споредена со податоци со уште два други „револуционерни“ периоди: со пошироката употреба на компјутерите во 1984 година и со масовното приклучување на интернет во 1996 година. Стапките на промените на пазарот на трудот што ги предизвикала ВИ речиси се совпаѓа со оние предизвикани од компјутерите и интернетот. Со други зборови, вештачката интелигенција не изгледа дека е пореволуционерна од овие две технологии, иако директорот на Anthropic, Дарио Амодеи тврди дека цели индустриски сектори ќе бидат изгубени засекогаш.

Сликата за влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот што произлегува од нашите податоци одразува стабилност, а не големи нарушувања на ниво на целата економија, се вели во студијата.

Намалувањето на бројот на новоотворени работни места, кој се совпаѓа со пробивот на ВИ, се толкува дека е последица на монетарната политика на Федералните резерви на САД да ги зголеми каматните стапки. Што се однесува до намалувањето на позициите на почетокот на кариерата, некои експерти сметаат дека феноменот му претходи на ЧетГПТ и дека едноставно има повеќе дипломирани студенти отколку што реално има работа за почетници со диплома.

6 октомври 2025 - 15:03