ЧетГПТ импровизира и резонира додека бара решение

Најпопуларниот голем јазичен модел со ВИ покажал дека не е само папагал што пронаоѓа и пренесува податоци со кои е нахранет. На барање да реши математички предизвик од пред 2.500 години, ЧетГПТ пријатно ги изненадил истражувачките кога реагирал како вистински ученик – импровизирал и правел „човечки“ грешки, иако бил запознаен со оригиналното решение.

Предизвикот со кој бил соочен ЧетГПТ бил да го реши проблемот со „удвојување на површината на квадратот“. Оваа задача ја опишал античкиот филозоф Платон четири века пред нашата ера, како обид да ја открие природата на знаењето – дали тоа е скриено во секој човек и чека да биде откриено, или е нешто што го стекнуваме низ животот со размена на искуства.

Платон опишал дека Сократ научил нешколувано момче како да го реши проблемот. Неукото дете прво направило грешка и двојно го зголемило работ на квадратот, но Сократ со поставување прашања го насочил до правилното решение – конструкција на нов квадрат на кој основа му е дијагоналата на зададениот.

Сличен бил пристапот на истражувачите од Кембриџ и од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим додека го насочувале ЧетГПТ кон решението.
Наместо да пристапи до класичното геометриско решение, опишано во делото на Платон, ЧетГПТ инсистирал на алгебарски пристап, кој не се користел во тоа време. На воведувањето варијации, па и грешки, во задачата, четботот импровизирал и грешел исто како момчето на Сократ. Дури кога посилно бил охрабрен да користи геометрија, дал елегантно решение.

Најзбунувачки за истражувачите било тоа што ЧетГПТ бил запознаен со оригиналното решение. Тоа сугерира дека не секогаш го издвојува веќе наученото, туку размислува согласно ситуацијата и ги комбинира сите претходни знаења и искуства за да ја реши задачата. 

Комуникацијата со ВИ треба да поттикне критичко размислување. Наместо да му побараат конкретен одговор, учениците треба да го охрабрат ЧетГПТ заедно да го истражат проблемот. Тоа ќе им помогне да ги развијат сопственото креативно мислење и вештината за резонирање, заклучуваат авторите на студијата.

22 септември 2025 - 15:54