Луѓето масовно ги користат агентите со ВИ за да им препорачаат производ што им е потребен или да најдат попуст или најповолна понуда на интернет-продавниците. Од минатата недела, ботовите ќе можат и самите да извршуваат трансакции кај трговци што прифаќаат плаќања со картички Виза.
Клиент му кажува на ChatGPT дека бара безжични слушалки под 150 долари. Кога ботот ќе ги пронајде на распродажба со дадените параметри, ќе може да ги купи во име на клиентот, објаснува Џек Форестел, главен директор за производи и стратегија во Виза.
Ова не е прв обид на OpenAI да навлезе во електронската трговија. Лани ја промовираше алатката Instant Checkout, како „дигитален личен купувач“, но беше ограничена на само неколку трговски куќи. Претходно со автономни плаќања експериментираше и Амазон преку алатката Алекса, но купувањата беа ограничени само на понудата од компанијата.
OpenAI ја укина својата услуга во март затоа што системот базиран врз ChatGPT беше склон кон грешки, а и не беше широко прифатен од трговците поради високиот надоместок од 4%.
Соработката на Виза има поинаква и поздрава основа. На корисниците што веќе имаат платежни картички и пристап до ботови им овозможува едноставно да ги поврзат. OpenAI ќе ја обезбеди технологијата за комуницирање меѓу агентите, а Виза ќе врши надзор на услугата за да се спречат измами. Не се објавени детали за надоместоците што ќе треба да ги платат трговците или клиентите.
Агентите со ВИ стануваат активни учесници во економијата, па фокусот на Виза е да обезбеди доверливи безбедни и беспрекорни трансакции, вели Форестел.
Трговците на мало изразија загриженост дека може да има случаи кога агентот ќе купи погрешен производ, кога клиент ќе се пожали дека лично не ја одобрил трансакцијата или дека платил премногу пари. Банките се загрижени од потенцијални поплаки на клиенти што користат нивни кредитни картички Виза.
Форестел рече дека Виза ќе ги решава споровите со истите основни правила како за која било друга трансакција.
Ќе биде потребно време луѓето целосно да им веруваат на агентите на ВИ. На почетокот очекуваме поголемиот дел од трансакциите сè уште да се одвиваат со одобрение од луѓе. Сега, замислете дека го правите тоа илјада пати во текот на одреден временски период. И потоа вашиот агент прашува: „Дали сакате едноставно да не проверам?“, вели претставникот на Виза.