Британија го гони Грок поради алатката за соголување

Британскиот медиумски регулатор Офком отвори истрага против четботот Грок на Илон Маск за да утврди дали со алатката за сексуализирање на лица врз основа на фотографија ја прекршува обврската за заштита на корисниците од злонамерна содржина. Британија го обвинува Маск одвратно загрозување на приватноста на луѓето, а тој неа за цензура и фашизам.

Офком ги оцени како „длабоко загрижувачки“ извештаите дека Грок овозможува сексуална злоупотреба на деца преку алатката за генерирање слики од луѓе на кои вештачка интелигенција им ја отстранува облеката. Ако истрагата потврди дека се прекршени законите, Икс може да биде целосно блокиран во Британија.

Премиерот Кир Стармер пред неколку дена оцени дека сликите генерирани од Грок се „одвратни“. Тој додаде дека во Британија е нелегално креирањето интимни слики со ВИ, исто како и споделувањето реални фотографии, без согласност од лицата што се прикажани. Законот ги обврзува интернет платформите да препознаваат нелегална содржина и да ја отстранат пред да стане достапна до корисниците.

Министерот за бизнис Питер Кајл изјави дека е згрозен поради тоа што Икс темелно не го тестирал Грок и дозволил креирање и споделување злонамерни содржини.

Пред некој ден сретнав Еврејка, која открила нејзина фотографија, обработена од ВИ како да позира во бикини пред логорот Аушвиц. Загрижувачки е фактот дека луѓе дизајнираат вакви материјали и ги споделуваат на интернет без да проверат какво влијание би имале врз корисниците и врз општеството, изјави Кајл.

Компанијата Икс одговара дека ги отстранува сите нелегални содржини и трајно им ги блокира профилите на оние што ги објавуваат. Конкретно за спорната алатка тврди дека е ограничена на корисниците со претплата. Кабинетот на Стармер го оцени ова како „неприфатливо“, бидејќи алатката за загрозување приватност се префрла како „премиум услуга“.

Сопственикот Маск, пак, ја оцени одлуката на британските власти како „барање каков било повод за да спроведат цензура“. 

Зошто британската влада е толку фашистичка? прашува Маск.

12 јануари 2026 - 13:17