Зошто сме фасцинирани од сопруги и мајки што убиваат?

Без разлика дали му е точно она на Толстој: „Секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“, туѓата семејна мизерија останува константен извор на интерес.

Што лежи зад интересот на публиката за семејни трауми, особено кога ќе завршат смртно? И со какви анксиозности и мечти се соочуваат луѓето кога конзумираат вакви приказни?

Интересот за тру крајм - подкасти, серии и документарци не е нова работа. Апетитот за лесно достапни портрети за вистински убиства го има уште во почетоците на печатењето, кога се препакувале и продавале како балади, домашни трагедии и памфлети. Англиската литература од 16 и 17 век има голем фокус на популарни претставувања на домашно насилство. Медиумот се менува, но врамувањето на ваквите приказни останува изненадувачки исто. Истата непријатна комбинација од сензационалистички наслов и чедно осудување од 16-от век се јавува и на Нетфликс денес.

Уште тогаш, во период кога повеќето возрасни луѓе се во брак, жените се сметаат за подредени на мажите во бракот. Тоа значи дека жена што ќе го убие сопругот не е само виновна за убиство туку и за „мало“ предавство, злостор против државата казнив со палење. Самиот концепт бил застрашувачки предизвик за патријархалните идеи на домот на еден маж како негов замок.

Но, случаите на женско насилство биле - како што се и сега - компаративно ретки. Фигурата на сопругата што убива имала далеку поголема моќ во имагинацијата отколку во реалноста. Била страшна за замислување и претставувала комплетно поинакво ниво на хорор.

Приказните за убиства во семејството изложуваат и подвлекуваат стравови за најфундаменталните институции на општеството - домот, семејството и заедницата. Медиумите во секој временски период се екстремно спремни во искористување на тоа како оружје, спремни се и да заработат на загриженоста на луѓето за стабилноста на семејството како извор на безбедност во еден турбулентен свет.

А можеби и постојаната фасцинација со дисфункционални, растурени домови е само schadenfreude (сеир), и утешноста на фактот што колку и проблеми да имаме дома, далеку сме од насилни дејствија барем.

Или, привлечноста може да лежи во идејата дека секој од нас би можел да биде способен за нешто такво.

Можеби бирајќи да се вознемируваме, да се забавуваме и на крај да се утешиме од наративи за семејна стабилност што се претвора во хаос, наоѓаме начин да се соочиме, макар и површно, со нашите најдлабоки стравови за луѓето што ги сакаме и нашиот капацитет да ги уништиме.

20 октомври 2023 - 12:10