Зошто сега сите славни жени имаат книжевен клуб?

Мината недела во едно фино интервју со Басл, Дакота Џонсон се пофали за нејзиниот книжевен клуб Tea Time, и кажа дека првиот избор за читање ѝ е Beautyland, од Мари-Хелен Бертино.

Книгата е за девојка од работничката класа, Адина, родена во ‘77 и секоја вечер ја посетуваат вонземјани за од неа да собираат информации за животот на Земјата.

„Клубот ни е за книжевна фикција, не за книги за плажа, не е будалеста работа,“ рече Џонсон. „Не е само за авторки, но сепак подржува жени и често и дебитанти.“

Го користи за да му даде тежина на Инстаграм, бидејќи според неа, на луѓето им треба знаење на одредени теми, наместо нонстоп да дискутираат какви серуми ставаат на лице и да мислат дека тоа е најважното нешто на светот.

А не е прва - многу актерки добија желба да станат букфлуенсери - кој од желба, кој за пари. Рис Видерспун направи бизнис од месечните селекции кои ги праќа во нејзиниот њуслетер, а знае да ги избере и за филмување преку нејзината продукција. Клубови имаат и Дуа Липа, двете Еми (Робертс и Ватсон), Сара Мишел Гелар и Флоренс Велч. На Ема Робертс е Белетрист и истовремено е и продукциска компанија, која ги сними First Kill и Tell Me Lies што одат на Нетфликс и Хулу. Белетрист очигледно го води човек со вкус и не се ограничува на ново и освен што е фино, поентата е постигната - Ема Робертс поради клубот многу повеќе личи на сериозна актерка, а многу помалку на „внуката на Џулија Робертс“.

Во поширок радиус, има многу славни што само сакаат да бидат видени како читаат книги, по можност да се добри. Во една категорија ги има професионално згодните Каја Гербер и Кендал Џенер. Гербер технички и има некаков клуб, во кој води разговори со автори како Емили Ратајковски и често ја сликаат со книги. Сепак, кралица на сликањето со книги (што одговараат со купачи) е Кендал Џенер, која се забележува дека чита непопуларни книги, често издадени од мали издавачки куќи. Откако Џенер покажа дека ја чита Literally Show Me A Healthy Person, на пример, се распродаде на Амазон.

Реалните книжевни работници сметаат дека да се види книгата во славни раце е повеќе буст на его од било што друго, а тврдат дека нема опипливи маркетинг резултати. Освен тоа, авторите и агентите се толку очајни да се зборува барем малку за книжевност, што буквално сѐ би прифатиле. И да, очекувањето е дека ако ти се најде насловот меѓу препораките на Опра, ќе распродадеш веднаш, ама на презаситен пазар тоа не оди така лесно.

Има и една цинична теорија за сето ова: Славните користат книги за да можат да додадат уште еден слој на нивниот карактер, па ги шетаат наоколу како брендирани ташни. Можеби причините им варираат, но култивирање читателски изглед е добар начин да се префрлат од една фаза во кариерата во друга, на истиот начин како што поранешно дете-глумец би играло осомничен за убиство за да транзитира во посериозна кариера.

27 март 2024 - 00:00