Една од главните причини што некои луѓе постојано доцнат е што се оптимисти за тоа колку време им е потребно да завршуваат задачи. Имаат тенденција да го потценуваат времето што им треба да ги завршат работите, што води до каскада од одложувања кои на крај водат кон доцнење.
Доцнењето се поврзува и со карактерни особини, како импулсивност и ниска самоконтрола. Поимпулсивните почесто се случува да се задржат на небитни работи и да изгубат осет за време, а луѓето со ниска самоконтрола се мачат да оддолеат на искушението за прокрастинација, или по нашки - губење време.
Др. Линда Сападин, психолог и експерт за организирање на времето објаснува дека удел може да има и желбата за привлекување внимание.
„За некои луѓе,“ вели таа, „доцнењето е начин да се добие повеќе внимание. Можеби ќе биде негативно внимание, ама и такво се брои.“
Фактор може да биде и притисокот за мултитаскинг - кога правиш повеќе работи одеднаш, доаѓаш до чувство на „преплавеност“ и почнуваш да заостануваш во распоредот. Недостатокот на сон, како и во секоја сфера, исто така може да биде проблем. Според Др. Сападин, луѓето на кои им фали сон се понеорганизирани и помалку ефикасни. Како резултат на тоа и распоредот страда.
Ако постојано доцните, размислете зошто е тоа така - со разбирање на причините, луѓето можат да преземат чекори да бидат поточни и да го намалат стресот и фрустрацијата што доаѓа со доцнењето - не само кај себе, туку и кај тие што ги чекаат.