Третата и последна сезона од After Life на Рики Џервејс почна да се емитува на Нетфликс во јануари и во истиот момент стана најгледана серија таму. И додека публиката уживаше во трагикомичната приказна на Џервејс, за човек што се бори да се справи со смртта на неговата жена, британските критичари одбија. За еден колумнист од Индепендент, серијата е „монолози за тагата и опоравувањето, еднодимензионални до болка“. Критичар од Телеграф тврдеше дека „жалната комедија на Рики Џервејс има емоционална длабочина на самолепливо ливче“. А од Гардијан боцкаа највеќе: „Џервејс ги прави сите џервејсовски финти што ги сакате, она ‘Oh for fuck’s …’, или ‘…така што…’ на крајот на реченицата. Сите трикови што ги сакате, развлечени низ поспана, селска драма за тагата.“
Ротен Томејтос не вели така: Речиси 80% од публиката дава позитивни критики. Како може публиката и критичарите до толку да се разликуваат?
Главниот проблем е што критичарите повеќе не се обидуваат да реагираат или да го оживеат интересот на пошироката публика. Не ја гледаат критиката како дел од јавната дискусија. Наместо тоа, сега критичарите често од високо ја гледаат идејата дека публиката се вложува и има мислење. Како резултат на ова, критиките на популарните емисии често стануваат прилика да се третира јавниот вкус со потсмев и презир. И токму тоа лежи зад критиките на After Life - снобовска нетрпеливост кон јавноста.
After Life не е комедија за средната класа што живее во главен град. Не е за животот и грижите на паметните. Се работи за мрачна комична рефлексија на животите на некои обични луѓе, во гратче што би можело да е било каде во Велика Британија. Можеби е за смрт, жалост и тага. Но, уште повеќе е за заедништво и за истакнување на важноста на семејството, пријателите и колегите.
Секојдневното опкружување на еден мал град изгледа ги вознемирува критичарите. „Не можам да се видам себеси во приказнава“, како да врескаат, „значи мора да е лоша.“ За сè понарцисоидниот коментаријат од средната класа, кога серијата не е за нив, кога не ги рефлектира нивните вредности - не ја сакаат.
Нападот на сентименталноста е особено лош. After Life всушност го опфаќа начинот на кој луѓето се трудат со зборови да си ја објаснат загубата, колку и да им е тоа „трапаво“ на критичарите. Публиката го препознава реализмот во пристапот на Џервејс. А препознаваат и како утехата во најмрачните моменти може да се најде меѓу семејство, пријатели, па и преку љубезноста од непознати.
Се разбира, бидејќи се работи за Џервејс, има хумор - да не зборуваме и длабока, мрачна комедија, што се наоѓа и во најтрагични услови.
„И ова е далеку од необично, вели колумнистот на Спајкд, Алекс Камерон. „Пред неколку години бев на погреб кај една тетка. Кога свештеникот го прочисти грлото на почетокот на службата, заѕвоне нечиј телефон. Рингтонот? Tubular Bells, на Мајк Олдфилд, позната како ‘музичето од Егзорцист’. Никогаш не сум видел така експлозивно смешна реакција од толку потресени луѓе.“
Во After Life има многу слични моменти, каде што смеењето често знае да го дупне мракот. И публиката ги гледа овие моменти онакви какви што се - смешни и катарзични.
Сепак, ништо од ова не им е битно на критичарите на After Life. Хуморот го толкуваат како „навредлив“, а емотивната чест што им се прави на обичните луѓе како „претерано сентиментална“, без врска и вулгарна. Ова кажува многу повеќе за нив, отколку што кажува за серијата.