Зошто костимите на „Мали женички“ не заслужија Оскар?

Неверојатно е колку човек може да се налути на детали заради професионална деформација.

Проблем на оваа слика: Фризури, должина на фустани, старост на фустани, ленти, каиши, итн.

Микара Туерс, костимограф, јутјубер и цепидлака, го гледала најновиот „Мали женички“, па после тоа доделувањето на Оскарите.

Не е баш среќна.

За почеток, затоа што со холивудски буџет, костимите во филмот не само што се, во најмала рака, со голема доза на „креативна слобода“, туку се и неточни.

И понатаму, не само што се неточни во однос на историја на мода, туку се неточни и во поглед на ликови.

Ќе ви ја направи главата тапан, ама ќе вреди: девојчево е енциклопедија за мода во сите периоди, ликовите во книгата и филмска костимографија.

Пример: Зошто во една сцена Мег самоиницијативно носи машна за коса (во боја што не одговара), за кратко потоа да направи дупка во приказната затоа што се жали дека „никој нема да ја сака, затоа што е како недорасната и носи машни за коса?“

Патем, Туерс не може да се помири со фактот што во предвоениот период од филмот, никој не носи капи што одговараат на тогашните модни правила. И нема да ја мрзи да покаже колку тоа лесно се прави, особено ако си наградуван костимограф.

И во право е, затоа што костимите воопшто не се небитни, ни тука ни било каде - дејствието не е хронолошки организирано, и токму костимите ќе завршеа работа во прикажување колку време поминало.

10 март 2020 - 00:11