Во рок од шест дена откако се објави на Вимео и Инстаграм, филмот во кој Синтија Никсон рецитира поема за невозможните стандарди што им се наметнуваат на жените, има 20 милиони прегледи и го споделија ликови како Кара Делевин и Мадона.
Клер Ротстин, британската фотографка и издавач на модниот магазин Грлс Грлс Грлс која стои зад видеото во моментот кога ја контактираат од Гардијан „лежи и диши длабоко.“
„Претпоставувавме дека ќе има реакции, ама ова е ненормално,“ вели таа.
Челичниот глас на Никсон одѕвонува пред хипергламурозни кадри со манекенки како Џорџа Меј Џегер, Ерин Васон, Сем Ролинсон и актерки како Роуз Мекгоуан, Рејчел Мекадамс и Ванеса Хаџинс, во комбинација со гримаси од Доналд Трамп и Харви Вајнстин. Поемата е на Камил Рејнвил, од нејзиниот блог, „Записи на една бесна жена,“ а целиот текст во превод, заедно со видеото го имате тука.
Го режира партнерот на Ротстин, Пол Меклин, а звучи и изгледа како провокативен поп-спот од ’80-ти, нешто што Мадона би го извадила.
Не ѝ е прв пат на Ротстин да испровоцира до виралност - во 2018 ја стави Рејчел Мекадамс на насловна, во Версаче и со пумпа за гради што ја користи за да го нахрани нејзиниот син - како коментар за мајчинството и кариерата.
На некои не им одговара идејата на Ротстин. Нејзините жени се секси и сексуални, со дакфејс и фризури. Името Грлс Грлс Грлс е преземено од светлечки реклами на стриптиз-клубови. Ротстин вели,
„Треба да е иронично, но тоа некои луѓе не го сфаќаат. Не разбирам зошто да се биде секси стана нешто негативно. Јас ги земам тие класични стереотипи што се сметаат за негативни ако ги гледаш од машки аспект и ги превртувам. Хипер-реално е, фантазија е, но не гледам како тоа би ја разводнило пораката.“
А токму оваа е естетиката, според неа, што може најдобро да ја рашири пораката. „Да не беше спотот таков каков што е, немаше да го остави впечатокот што го остави,“ објаснува Ротстин.
Sвездата на филмот, според нејзе, морала да биде Никсон.
„Само Синтија ја сакавме, единствена што има смисла да биде дел од ова. Таа беше воодушевена од проектот, но моравме да ја почекаме да заврши со кампањата за гувернер на Њујорк. Сакав да победи. Иако излезе дека нам ни одговарало да не победи.“