Да, добро е што конечно се освестуваме дека на машките деца постојано им се прави притисок да бидат силни, борбени, никако емотивни и по секоја цена храбри. Не е фер.
Ама жени како што мораат да трпат од најситна возраст, никој не мора.
Мора само да го гледате видеото, под текстот.
„Биди дама, ќе речат. Сукњата ти е прекратка. Маицата преотворена. Панталоните претесни. Не покажувај толку кожа. Не ги покажувај колковите. Не ги покажувај градите. Не го покажувај струкот. Немој деколтето. Не долната облека. Не рамената. Покриј се. Остави нешто и на имагинацијата. Облекувај се скромно. Немој да искушуваш. Мажите не можат да се контролираат. Мажите имаат потреби. Изгледаш стегнато. Опушти се. Покажи малку кожа. Изгледај секси. Жешко. Немој да бидеш толку провокативна. Си го бараш. Носи црно. Носи штикли. Премногу си дотерана. Не си доволно дотерана. Не ги носи тие тренерки; изледаш запуштено.
Биди дама, ќе речат. Немој да бидеш предебела. Немој да бидеш преслаба. Преголема. Премала. Јади. Ослабни. Доста јадеш толку. Немој да јадеш толку брзо. Нарачај салата. Не јади јагленхидрати. Прескокни го десертот. Мораш да ослабеш. Да влезеш во фустанот. Почни диета. Внимавај што јадеш. Јади целер. Џвакај мастика. Пиј многу вода. Мораш да влезеш во тие фармерки. Боже, костур си. Што не јадеш нешто? Изгледаш слабо. Изгледаш болно. Бутни некој бургер. Мажите сакаат да љуља. Биди мала. Биди лесна. Биди малечка. Биди ситна. Биди женствена. Величина нула. Дупла нула. Биди ништо. Биди помалку од ништо.
Биди дама, ќе речат. Отстрани ги влакната. Избричи ги нозете. Пазувите. Препоните. Депилирај го лицето. Рацете. Веѓите. Отстрани ги мустаќите. Избели го ова. Избели го она. Осветли ја кожата. Потемни ја кожата. Отстрани ги лузните. Покриј ги стриите. Стегни ги стомачните. Напумпај ги усните. Ботоксирај ги брчките. Подигни го лицето. Смали го стомакот. Ослабни ги бутовите. Тонирај ги листовите. Поткрени ги градите. Изгледај природно. Биди своја. Биди оригинална. Биди самоуверена. Премногу се трудиш. Си претерала. Мажите не сакаат девојки што премногу се трудат.
Биди дама, ќе речат. Носи шминка. Стави прајмер. Сокриј ги недостатоците. Контурирај го носот. Истакни ги јаболчниците. Стави молив на капаците. Пополни ги веѓите. Продолжи ги трепките. Обои ги усните. Пудра, руменило, бронзер, хајлајтер. Косата ти е прекратка. Косата ти е предолга. Врвовите ти цветаат. Осветли ја косата. Коренот ти се познава. Офарбај ја косата. Не, сина, тоа е неприродно. Ти белее косата. Старо изгледаш. Изгледај младо. Изгледај безвременски. Немој да старееш. Жените не стареат. Старото е грдо. Мажите не сакаат грдо.
Биди дама, ќе речат. Чувај ја невиноста. Биди чиста. Биди девствена. Не зборувај за секс. Не флертувај. Не биди пачавра. Не биди курва. Не спиј со кој стигнеш. Не го губи достоинството. Немој да имаш секс со премногу мажи. Не се давај така лесно. Мажите не сакаат ороспии. Не биди заостаната. Не биди толку уштиркана. Забавувај се малку. Смеј се повеќе. Задоволи ги мажите. Биди искусна. Биди сексуална. Биди невина. Биди валкана. Биди девствена. Биди секси. Биди откачена. Немој да бидеш како другите.
Биди дама, ќе речат. Немој да бидеш прегласна. Немој да зборуваш премногу. Не зафаќај простор. Не седи така. Не стои така. Немој да заплашуваш. Зошто си толку мизерна? Не биди кучка. Не шефувај толку. Не биди толку сигурна во себе. Не претерувај. Не биди толку емотивна. Не плачи. Не викај. Не пцуј. Биди пасивна. Биди послушна. Издржи ја болката. Задоволувај. Не се жали. Откачи го благо. Појачај му го егото. Нека падне на тебе. Мажите го сакаат тоа што не можат да го имаат. Не се давај лесно. Нека те заработи. Мажите сакаат да те бркаат. Дипли му ги алиштата. Готви му вечера. Држи го среќен. Тоа е работата на жената. Ќе бидеш добра сопруга еден ден. Земи му го презимето. Само го додаде на твоето? Луда феминистка. Роди му деца. Не сакаш деца? Ќе сакаш еден ден. Ќе се предомислиш.
Биди дама, ќе речат. Немој да те силуваат. Заштити се. Немој да пиеш многу. Немој сама да шеташ. Не излегувај до многу доцна. Не се облекувај така. Не покажувај премногу. Не се начукувај. Не го оставај пијалокот. Оди со другарка. Шетај каде што е добро осветлено. Движи се во безбедни соседства. Кажи некому каде ќе одиш. Земи солзавец. Купи свирче за силување. Држи ги клучевите како оружје. Оди на курс за самоодбрана. Провери го багажникот. Заклучи врата. Не излегувај сама. Не прави контакт со очи. Не трепкај. Не изгледај лесна. Не привлекувај внимание. Не работи до доцна. Не кажувај мрсни шеги. Не се насмевнувај на непознати. Не излегувај навечер. Не верувај никому. Не вели да. Не вели не.
Само, биди дама, ќе речат.“