Дали современото запознавање ги изневерува жените?

Младите жени никогаш немале поголема слобода, подобро образование и повеќе можности самостојно да го обликуваат својот живот. Но дали оваа независност носи и поголемо задоволство на љубовно поле?

Во анализа за Daily Sceptic, австралиската авторка Бетина Арнт го поставува прашањето дали современата култура на запознавање, со бескрајните можности за избор и сè подолгото одложување на сериозните врски, ненамерно создава нови проблеми и за жените и за мажите.

Пред педесетина години, младите жени почнаа масовно да го одложуваат бракот за да се посветат на образованието, кариерата и личниот развој. Оваа промена донесе неспорни придобивки, но истовремено го преобрази и начинот на кој се развиваат љубовните односи. Периодот меѓу првите романтични искуства и создавањето трајно партнерство се продолжува, а за многумина дваесеттите години стануваат деценија исполнета со состаноци, краткотрајни врски, нови почетоци и разочарувања.

Колку длабоко се промениле навиките покажува податокот дека во 1970-тите над девет од десет Британки биле во брак до триесеттата година, додека денес тоа важи за приближно една третина. Но промената не се однесува само на бракот - и заедничкиот живот со партнер започнува подоцна, што укажува на поголема промена во интимните односи и животните приоритети.

Во меѓувреме, апликациите за запознавање воведоа сосема нова динамика. Она што првично изгледаше како револуционерна можност за полесно поврзување сега е еден туп простор во кои луѓето бираат ли бираат, па споредуваат и проценуваат - изобилството од потенцијални партнери создава впечаток дека секогаш постои некој подобар, а и кога сто пати ќе згрешиш, некако ти снемува волја за емотивно вложување по сто и првиот пат.

Социологот Али Махмудијан, кој ги истражува скриените последици на современото запознавање, забележува дека жените и мажите често имаат различни искуства на овие платформи. Бидејќи мажите се побројни на многу апликации, жените можат да се соочат со премногу избор, а мажите со недостиг од внимание и чувство на отфрленост. И двете искуства, иако различни, можат да бидат исцрпувачки.

Размерите на промената ги илустрира и истражување од 2022 година, според кое 63 проценти од американските мажи помлади од 30 години биле без партнер, наспроти 34 проценти од нивните врснички. Сè почесто се зборува и за млади луѓе што целосно се повлекуваат од потрагата по љубов, уморни од неизвесноста, површните контакти и повторените разочарувања. Арнт ја поврзува оваа состојба и со одложувањето на родителството, намалениот наталитет и зголемениот интерес за замрзнување јајце-клетки. Според неа, за дел од жените проблемот не е недостатокот на желба за семејство, туку тешкотијата навреме да пронајдат партнер со кој би го создале.

Сепак, ваквото толкување е само еден дел од многу посложена слика, затоа што економската несигурност, високите трошоци за домување, променетите очекувања од партнерството и поголемата слобода да се избере самостоен живот исто така влијаат врз современите односи.

4 ноември 2026 - 19:04