„Традиционалните сопруги“ му бегаат на проблематичниот свет што го создадоа

Совршено уредени домови, домашно печен леб, насмеани деца и жени во романтични фустани кои со задоволство се грижат за своите сопрузи. Во последните години, движењето tradwife (традиционална сопруга) стана вирален феномен на социјалните мрежи со враќањето кон традиционалните родови улоги како привлечна алтернатива на современиот живот.

Пробуваа да лажат народ и им успеваше: Средена кујна, а по неа оди куќна помошничка, само не се гледа на камера. Стокмени деца, а ги чуваат по неколку дадилки. Мајка и сопруга што изгледа фантастично, а има готвач, тренер и совршено осветлување. А сега, зад идиличните фотографии и видеа се појавува поинаква приказна: некои од најгласните промоторки на овој начин на живот денес јавно се дистанцираат од него.

Во репортажа за The Guardian, новинарката Луси Најт разговара со неколку поранешни влијателни претставнички на движењето, кои по разводите и личните искуства почнаа да ги преиспитуваат вредностите што некогаш од петни жили се трудеа да ни ги шитнат.

Меѓу нив е Бернадин Блантли, мајка на шест деца и некогашна гласна противничка на феминизмот. Промовираше строга поделба на машките и женските улоги, но откако ѝ се распадна бракот јавно се извини за пораките што ги ширеше.

„Повеќе не верувам во екстремни родови улоги, особено кога се обвиткани во религиозен јазик и се користат за оправдување контрола, замолчување или нанесување штета“, изјавува таа.

Слично искуство има и Џени Гејџ, која пораснала во традиционално мормонско семејство, каде што уште од детството ја подготвувале за улогата на сопруга и мајка. По 24 години брак, во кој немала право да работи ниту да поседува сопствена банкарска сметка, го напуштила сопругот и очекувано, разводот ја оставил во тешка финансиска состојба. Денес Гејџ ги предупредува младите жени за опасностите од целосната економска зависност. И објаснува дек не се бори против жените што избираат ваков живот туку против тоа жените да бидат финансиски незаштитени. Нејзината порака е едноставна: стапете во брак, имајте деца и посветете се на семејството ако тоа го сакате, но обезбедете си сопствена финансиска сигурност.

Писателката Тија Левингс, која исто така го напуштила традиционалистичкото опкружување, раскажува дека нејзиниот некогашен живот однадвор изгледал идилично. На блогот објавувала фотографии од домашни јадења, мирно и симпатично секојдневие, а во приватноста се соочувала со насилство и религиозен притисок да остане послушна сопруга. Овие сведоштва отвораат и прашање за улогата на социјалните мрежи во романтизирањето на традиционалниот живот - дури и Лорен Саутерн, некогашна конзервативна активистка, признава дека снимала идилични семејни видеа во периоди кога нејзиниот брак бил во криза. Како што објаснува, ја прикажувала реалноста што посакувала да ја има.

Сепак, движењето не е еднолично. Популарните инфлуенсерки Нара Смит и Хана Нилман, позната како Ballerina Farm, не признаваат дека нивните содржини промовираат одредена идеологија. За многу жени, домашниот живот и мајчинството остануваат свесен избор што ги исполнува.

А тоа е суштината на дебатата - можноста да имаш избор. Да се посветиш на семејството може да биде извор на задоволство, сè додека таа одлука не подразбира губење на независност, лична автономија или можноста да се замине од нездрав однос.

4 ноември 2026 - 22:14